Интензивната употреба на технологијата наметната од современото секојдневие, го попречува созревањето на фината моторика кај децата. Нивното пишување станува тешко читливо и тоа доведува до појавата позната како дисграфија. Сепак, родителите стануваат сѐ поедуцирани на оваа тема, а тоа си го направи своето. Тие се охрабруваат да побараат помош и совет од стручните лица како што се логопедите, дефектолозите и психолозите, па благодарение на тоа и нема некои поголеми последици врз детското ментално здравје. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува Светлана Трнинкова, дефектолог специјален едукатор рехабилитатор во ООУ „Ванчо Прке“ – Штип и мастер логопед.
Со Трнинкова разговараме за тоа како се манифестира дисграфијата, каква е улогата на логопедите во справувањето со оваа појава и што може да направат родителите за да им помогнат на децата полесно да ги изразуваат своите мисли и емоции преку пишаниот збор.
Каква е улогата на логопедот во детскиот развој и како родителите да проценат дека е време да побараат помош од логопед?
-Улогата на логопедот во раниот детски развој, следењето од негова страна треба да е во корелација со матичните педијатри. Како клучен фактор за посета на логопед е кога со навршена трета година детето на зборува или има многу сиромашен речник, претежно именка и по некој глагол. Кога на едноставни наредби од страна на родителот не извршува одредени активности како „дај, донеси“! Кога ќе се повика детето со неговото име тоа не се врти и не реагира, кога испушта крици и некои стереотипни и повторувачки движења на телотото-одење на прсти, мавтање со рацете, вртење во круг околу својата оска. Кога реагира на секакава промена на предметите, не сака да се разместуваат и кога има еден подолг ритуал пред накаде да оде или да се шета.
Пример имавме ученик кој пред да замине од училишната просторија на прсти ќе завртеше три круга, ќе фатеше некое дете или наставник за косата и после на прсти одеше дома. Ова се некои примарни развојни промени во психомоторниот развој.
Логопед се консултира и кога едно дете кое било со нормален развој, нормално развиен говор, ќе доживее некоја траума на мозокот со мозочно крварење. Таквата сосотојба доведува на почеток до глобална афазија, губиток на веќе стекнатата способност за говор. За сета среќа знаејќи дека пластичноста на мозокот до седмата година во животот е голема има надеж дека целокупната здравствена состојба на детето ќе се нормализира. Логопедот е потребен и во корекција на голтањето-дисфагиите кои се пропратна клиничка слика на детските афазии.
Дали логопедот работи на само со детето, или за време на вежбите се работи заеднички со детето и со родителите?
-Пожелно е децата да се сами за време на вежбите, но на крај се повикува родителот, му се објаснува и му се даваат напаствија за тоа како семејството да вежба дома со детето за да биде успехот поголем.
Еден од проблемите на чие справување работат логопедите е и дисграфијата, како состојба која предизвикува проблеми со писменото изразување. Според Вас, кои се најчестите симптоми за оваа состојба, односно како вообичаено се препознава?
-Правилното дефинирање на дисгфагијата е дека е потешкотија во задржување на линеацијата на реченицата, преминување на една реченица и во три реда во косина нагоре или надолу. Неправилно обликување и запишување на буквите. Имаме додавање, испуштање, заменување на буквите, едни на косо, други на лево, едни на десно, едни поголеми други помали во еден збор. Но овие деца и покрај овие проблеми имаат нормална интелигенција. За да кажеме дека детето има дисграфија мора да се следи се’ до второ одделение.