„Елена со ќерката и синот спиеле на патот, па морале да си запалат оган за да се згреат. Ги донесовме дома, премрзнати, гладни и потресени“, рече за ММС хуманата скопјанка Кате во чиј топол дом сега е сместено украинско семејство кое избегало од својот роден Харков кој жестоко беше нападнат од руските сили.
Голготата на 39-годишната самохрана мајка Елена Сабина и нејзините две малолетни деца, траела десетина дена, а солзите од стравот од војната и неизвесноста од патот не можат да сопрат и после неколку дена откако дошле во згрижувачкото семејство.
– Неколку дена се бореле да стасаат до Суботица. Оттаму, сопругот на нејзина пријателка мажена во Велес со која се допишувала на интернет, ги земал и ги однел во Македонија. Но, наместо во сместувањето кое им го ветил, тој ги однел во хотел. По неколку дена откако не можеле да им го плаќаат сместувањето, за малку ќе завршеле на улица. Никој од нив не пријавил во МВР дека пристигнале странци од Украина, па таа се обратила во украинската амбасада дека може да остане на улица и и дале телефон од мене. Јас гледав на ТВ дека барале луѓе кој сака да згрижи бегалци. Оставив телефон во украинската амбасада и наведов дека можам да примам жена со едно дете. Таа прво мене ми се јави и јас потоа му се јавив на пријателот од Велес кој рече дека не знаел што да им прави и дека немал пари да ги издржува. Сопругот запали кола и отиде да ги земе – рече хуманата скопјанка.
Самохраната мајка има 39 години. Сопругот и починал млад, многу одамна пред војната, па морала сама да ги расте 16-годишната ќерка и осумгодишниот син.
– Ѕвонев кај Олександар Урбанович од здружението кое собира помош за граѓаните во Украина. И тој излезе во пресрет. Со пријатели собравме облека и пари, дојдени се само со кеси и две торби. Собравме по некој денар за да им купиме работи. Замислете ја нивната судбина. Неколку дена патувале да дојдат до Суботица, Србија, спиеле надвор, се грееле на оган. Малиот кашла, болен е, настинат, трауматизиран е и плаче без причина. Доживеле голем шок. Сега малку се опуштија кај мене дома, имаат се, храна, интернет свои соби. Но, мислите и солзите навираат во исто време. Вчера почнаа сите тројца да плачат, истрауматизирани се. Децата се мали, поминале доста пат, а дополнителен стрес добиле во Велес. Им рекле дојдете и ќе ве земеме, а човекот им рекол ќе ве сместиме во село. Замислете како и е на самохрана мајка со две деца кога во туѓа земја ќе и речат дека ќе ја сместат во некое село во викендица. Затоа таа под итно пишала во амбасадата – додаде Кате.
По разговорот ММС го контактираше портпаролот на МВР, Тони Ангелковски кој се понуди да им ги објасни и помогне за сите правни процедури за добивање на статус во земјава, а хуманото семејство од Скопје доби ветување и од Црвениот крст во Скопје дека ќе почне постапката за нивна регистрација на бегалци, ќе добијат помош и дека ќе им помогне за сместување.
Тие се само тројца од вкупно 53 луѓе дојдени од Украина за кои Министерството за надворешни работи вчера немаше информации, затоа што беше зафатено со броење на сместувачките капацитети за бегалци.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска посочи дека списокот со сместувачки капацитети за бегалци од Украина не е довршен бидејќи, како што посочи, постојано се прикажуваат нови капацитети од страна на институциите.
Според него, бројката е поважна заради тоа што нашиот принцип, како што рече, е секој што ќе дојде на наша граница ќе биде примен и ќе биде згрижен.
Орце Костов
Фото: Приватна архива