Веќе 17 години напади врз македонските клубови во Бугарија. Дали полицијата конечно ќе спроведе истрага и овој пат нема да одбие? Вака реагираа денеска од ОМО Илинден откако синоќа беа искршени стаклата на македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград.
„Да видиме дали ќе ги најде сторителите откако неодамна постави камери над клубот по своја волја. Се надеваме дека тоа беше за безбедност, а не само за следење на оние што влегуваа“, велат од Обединетата македонска организација Илинден.
Според нив има од каде да се почне, од ОМО Илинден предлагаат прво да биде испрашан Виктор Стојанов, еден од организаторите на провокациите, кој како што велат, во исто време беше во Благоевград со цела банда бегалци.
Остра осуда за демлирањето денеска пристигна и од претседателот Стево Пендаровски, кој чинот го оцени како вандалски.
– Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин – вели шефот на државата.
Во неговата реакција тој се осврна и на најновите случувања во македонско-бугарските односи поврзани со настаните и изјавите од овој викенд.
Пендаровски изразува жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент.
– Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции, потенцира Пендаровски.
Претседателот на Републиката воедно на припадниците на полицијата и надлежните органи им честитам за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали.
– Исто така, сакам да се осврнам и на изјавата на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот парламент. Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи, вели шефот на државата.
Според Пендаровдки, за жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие.
– За ваквите негаторски испади, очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија, додава претседателот Пендаровски во реакцијата.