Како што се менува светот, така се менуваат и опциите за добивање второ државјанство, а Travel Daily News објави листа на пет најдобри земји за второ државјанство во 2023 година, земајќи ги предвид факторите како што се едноставноста на процесот, барањата за инвестирање и можностите за патување.
Свети Кристофер и Невис
Програмата за државјанство на Свети Кристофер и Невис за инвестирање е една од најпопуларните опции за оние кои сакаат да добијат второ државјанство. Особено оваа опција е популарна меѓу богатите луѓе, со оглед на тоа дека се работи за преубава островска држава која е позната по плажите и луксузните хотели. Програмата им овозможува на поединците да добијат државјанство со инвестиции во недвижнини или со придонес во владиниот фонд за одржлив раст. Со ова државјанство, ним им се овозможува да патуваат без виза во над 150 земји, меѓу кои Велика Британија и Канада.
Малта
Малта е мала островска држава која е позната по сончевото време, прекрасните плажи и богатата историја. Програмата на Малта за добивање двојно државјанство е една од најпознатите програми од овој тип, а позната е по името Individual Investor Program. Според оваа програма, за да добиете државјанство потребно е да вложите 650.000 евра во државни обврзници или имот. Парите може да бидат вложени во недвижен имот кој не е постар од пет години и кој се наоѓа на Малта. Програмата за индивидуални инвеститори на Малта бара подносителот на барањето да поминува најмалку 183 дена годишно во оваа земја. Кога ќе се одобри апликацијата, подносителот ќе добие пасош во рок од шест до осум недели.
Антигва и Барбуда
Програмата на Антигва и Барбуда е една од најдобрите програми за добивање второ државјанство. Програмата вклучува еднократна донација за државниот фонд за национален развој заедно со вложување во недвижнини, а минимумот е сто илјади долари. Времето на бработка е од три до четири месеци, а со пасошот добиен од оваа островска држава ќе може да патувате без виза во над 130 земји.
Гренада
Програмата за државјанство на Гренада е исто така популарна опција со минимален влог од 150.000 долари, додека времето на обработка е од четири до шест месеци. Земјата нуди безвизно патување во над 130 земји, вклучувајќи ги Кина и Русија. Програмата бара еднократна донација на владиниот Национален фонд за трансформација, заедно со инвестиција во недвижен имот, но како и со другите земји, важно е да се направи темелно истражување и да се консултира со професионалец пред да се донесе одлука.
Света Луција
Доколку сакате да станете државјанин на малата островска земја Света Луција, тоа може да го направите преку вложување во недвижен имот или пак, со придонес во националниот економски фонд со време на обработка од четири до шест месеци. Минималната инвестиција е сто илјади долари.