Нешто повеќе од една просечна плата или пак, две минимални плати ќе ви бидат потребни во најмала рака за да ги покриете трошоците за добивање возачка дозвола.
Цената на оваа услуга е регулирана од страна на инспекторатот, но автошколите може да наплатат и над утврдениот минимум, па само за да го покриете трошокот во автошколата која сте ја избрале, ќе ви бидат потребни од 20.000 до околу 27.000 денари. Зголемените трошоци во последните неколку години си го направија своето, така што цените на обуките и на полагањата претрпија промени. Од автошколите со чии претставници разговараше ММС прогнозираат дека цените допрва ќе растат уште повеќе.
-За висината на цената одлучува секоја автошкола поединечно, во однос на тоа какви се моменталните трошоци за одржување и функционирање во однос на горивата и другите потрошни материјали – вели Драган Рогожарски, лице за односи со јавност и инструктор во автошкола во Штип.
Според него, промената на цената зависи од целокупната цена на потрошувачките материјали, горивата, делови, работната рака.
„Доколку продолжи трендот на покачување на цените на основните артикли нормално е да има и раст на цената на автошколите. Точно е дека цената за автошколата во последните четири-пет години сметајќи од 2018 е покачена за околу 15-20% проценти или грубо по 5% годишно. Освен обуките зголемена е цената и на полагањата како и на сите други ресурси кои се користат околу возењето како што се дополнителни лиценци за возачи, опрема за снимање и така натаму“, објаснува тој.
За висината на цената одлучува секоја автошкола поединечно, но надлежните ја регулираат минималната дозволена цена
Одредувањето на минимална цена која автошколите треба да ја наплатат за својата услуга е пракса во државава од 2019-та година. Со ова во последните три години делумно се ограничува самостојното одлучување на автошколите кои независно од тоа која цена ќе ја одредат над минималната, треба да му овозможат на кандидатот 20 часа за негова подготовка за теоретскиот дел и 36 часа практична настава, или 18 часа од по 90 минути.
Сѐ останато се наплаќа дополнително, а меѓу другите трошоци е и вадењето на лекарското уверение за возачка дозвола. На него се впишува и крвната група на кандидатот за возач, а овие две работи – лекарското уверение и проверката на крвната група чинат околу 1500 денари во зависност од здравствената установа.
Стружанецот Перпарим Истрефи кој 27 години е сопственик на автошкола, појаснува дека проверката на крвната група е задолжителна од 2009 година.
„Со правилникот за издавање лекарски уверенија од 2009 година, во секое лекарско мора да биде наведена и крвната група на кандидатот на возач, затоа што тоа може да биде корисно при евентуална сообраќајна незгода во иднина. Инаку тоа беше пракса и претходно во земјите од ЕУ па беше побарано да се воведе и кај нас, затоа што во секоја странска возачка дозвола пишува крвна група, а кај нас не ги пишуваше“, додава тој во изјава за ММС.
Според Правилникот кој точно го пропишува начинот начинот на вршење на здравствениот преглед на кандидатите за возачи и возачите на моторни возила, лекарското уверение за здравствената и психофизичка способност на кандидатот задолжително мора да ја содржи и неговата крвна група и РХ факторот. Од Автоиспитниот центар Скопје велат дека во ваквиот документ се наведени и критериумите во однос на кадарот и опремата за вршење на здравствениот преглед, како и за начинот и постапката за издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило).
– Барањето за издавање на Уверение за здравствена и психофизичка способност да управува со моторно возило се поднесува до здравствената установа која ги исполнува критериумите од член 8 и член 9 од Правилникот, а на подрачјето на кое кандидатот за возач или возачот има постојано место на живеење, односно престојувалиште – појаснуваат од Автоцентарот.
Од Министерството за здравство пак, истакнуваат дека согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, овластување за издавање вакво лекарско уверение може да добие секоја јавна или приватна здравствена установа која ги исполнува критериумите од соодветниот Правилник.
Но каква е ситуацијата со цените таму и дали постои некоја минимална регулација како и за цените на услугите што ги нудат автошколите?
ФЗО контра Трансфузиологија – одредувањето на крвната група за возачка дозвола не е на товар на Фондот
Од Институтот за трансфузиона медицина кусо ни изјавија дека цената ја одредува Фондот за здравствено осигурување и дека резултатите се добиваат веднаш истиот ден. Директорот на Институтот, д-р Садула Усеини не кажа за каква цена станува збор, ниту дали таа е иста на Трансфузиологија и во службите за трансфузиона медицина во болниците од внатрешноста. Откако проверивме во неколку јавни здравствени установи во Скопје и клинички болници во градовите од внатрешноста, цената за одредувањето на крвната група се совпадна и оттаму ни посочија дека оваа услуга чини 500 денари. Додека е нејасно зошто Усеини не споделува една ваква информација, од Фондот контра неговото тврдење.
Во писмената изјава за ММС, од ФЗО потенцираа дека за овој тип здравствена услуга тие не утврдуваат цена бидејќи тоа е една од услугите кои не се на товар на средствата на Фондот.
-Со задолжително здравствено осигурување на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги во случај на: 1) болест и повреда надвор од работа и 2) повреда на работа и професионално заболување. Додека со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствени услуги за определување на крвна група при полагање за возачка дозвола. Овие здравствени услуги се вршат без упат од избраниот лекар и се здравствени услуги кои произлегуваат од здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на таков вид на здравствени услуги, потенцираа од ФЗО.
Оттаму додаваат дека здравствена услуга определување на крвна група исто како за останатите здравствени услуги е на товар на Фондот само ако е во склоп на дијагностика, третман (лекување) или рехабилитација (согласно правните прописи за рехабилитација). Во сите други случаи, на барање на осигуреното лице или институции или други државни органи не е на товар на Фондот (член 10 од ЗЗО).
Може да одите на обука надвор од вашиот град, но не и да полагате
За полагањето на испитите пак, задолжена е комисија одредена од Министерството за внатрешни работи која има петгодишна лиценца. Инструкторот Рогожарски од една од автошколите во Штип вели дека секоја комисија во согласност со законите ги утврдува цените на полагање на испит за возач, со што автошколите немаат никакво влијание врз формирање на цената на испитите.
„Цената за полагање на испит за теоретски дел (тестови) е околу 2400 денари или за повторно полагање околу 3000 денари. Првиот практичен дел (полигон) е најскапиот околу полагањето, бидејќи секој кандидат освен пријавата за полагање и трошоците за неа, мора дополнително да плати за користење на полигон за кој цената ја одредува самиот сопственик на полигонот (за кој има дозвола за вршење на ваква дејност) да биде прифатен од комисијата за полагање и да ги исполнува условите. Овој испит кандидатот го чини околу 3500-4000 денари. И вториод практичен дел (град) изнесува околу 3200 па до 3600 денари во зависност од тоа по кој пат полага“, нагласува тој.
Кандидатот за возач иако може да избере автошкола надвор од својот град, сепак возачкиот испит треба да го пријави во испитниот центар според своето живеалиште, односно во подружницата на испитниот центар каде има пријавено престојувалиште во последните шест месеци.
„Според нашата законска регулатива, обука може да се направи во секој град, доволно е да имате лекарско уверение, а тоа важи 18 месеци. Додека за полагање, кандидатот мора да оди во местото кое е наведено како место на живеење во неговата лична карта“, појаснува Истрефи кој поседува автошкола во Струга.
Поради ваквата можност пак, според Рогожарски, во Штип сѐ повеќе доаѓаат кандидати од околните помали градови:
„Секој кој подолго време е поврзан со едно место на живеење не е во можност секојдневно да се враќа во своето родно место бидејќи целиот процес на обука обфаќа најмалку 25 работни дена“.
Од Автоиспиотниот центар Скопје сепак појаснуваат дека во однос на ова прашање постои и исклучок, па кога испитниот центар има одземена лиценца или забрана за вршење на дејност, како и во случај кога лиценцата на испитниот центар е истечена, кандидатот за возач го пријавува и полага возачкиот испит во испитен центар, надвор од неговото живеалиште, односно пријавено престојувалиште по негов избор.”
Според нашиот соговорник Истрефи, полагањата треба да бидат под надлежност на Министерството за транспорт и врски, нешто што веќе е воспоставено во соседна Србија.
„Во моментот со овој закон што го имаме ние имаме мнопол – имаме еден испитен центар кој е приватен правен субјект. Во западните земји па и во регионот овие приватни правни субјекти ги укинаа. Надлежен е државен субјект, а не приватен и во негови рамки има експерти на оваа тема со што инструкторот во соработка со еден од експертите одлучува дали кандидатот е способен да ја добие возачката дозвола. Ова е проблем кој нѐ засега нас, сопствениците на автошколи, но и граѓаните“, порачува Истрефи.