Правилникот за пресметка на платите за пожарникарите е архивиран во Општина Струмица по кој општината е обврзана да изработи решенија за плата посебно за секој пожарникар спасител и да стигнеме до договорената плата од 80.000 денари – на ова потсетува градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Иако беше донесен овој Правилник и договорена повисоката плата, на последната седница на Советот на општината Струмица, кога се донесуваше ребалансот на општинскиот буџет, дел од советниците од мнозинството, вклучително и претседателот на Советот, Марјан Даскаловски одбија да дадат поддршка за зголемување на платите на пожарникарите.
-Ова не е и не смее да биде партиска битка. Ова е пример како се создаваат генерации на храбри луѓе – луѓе од кои зависат нашите животи, нашата безбедност и нашата превенција од катастрофи. Не можеме да ја оспоруваме нивната битка. Ги имам предвид нашите пожарникари-спасители, а само како моја лична размисла мислам и на полицијата, на итната медицинска помош, на докторите, медицинските сестри и техничкиот персонал. Ова не е моја интервенција како градоначалник, туку како човек кој верува дека сите тие се столбот на општеството. Не можеме да изградиме силна општина со уморен и демотивиран кадар. Лесно е да аплаудираме кога ни е тешко, а потоа да ги оставиме во тишина, заборавени. Лесно е да кажеме: „Тие се тука за тоа“, но забораваме дека тие се луѓе, со семејства, со срце, со живот, напиша градоначалникот Костадинов.
Тој искажа благодарност со советниците кои ја поддржаа оваа иницијатива, додека како што напиша, ќе се овиде да ги разбере оние кои не ја поддржаа, а „пожарникарите-спасители ќе им го простат тоа“.
Тензиите во Советот настанаа откако партијата на Костадинов, СДСМ одлучи да го поддржи претседателот Марјан Даскаловски за кандидат за градоначалник на претстојните Локални избори на 19 октомври. Костадинов го замрзна своето членство во партијата.