Оваа сабота, на 9 август, во Кочани повторно ќе се одржи „Маршот за ангелите“ – протестен марш кој веќе седумнаесет пати ги собира семејствата на трагично загинатите и повредените во пожарот што избувна во некогашната дискотека „Пулс“. Настанот ќе започне точно во 18:05 часот – симболично време кое ја отсликува болката од задоцнетите реакции на надлежните институции.
Маршот ќе се движи по претходно утврдена траса. Почетната точка е Паркот на револуцијата, а колоната ќе продолжи покрај трговскиот центар, зградата на Општина Кочани и полициската станица, за на крајот да заврши пред Судот и Јавното обвинителство.
Семејствата, кои се единствени организатори на овој настан, апелираат до јавноста за почит и воздржаност. Во нивното соопштение до медиумите стои дека поддршката е добредојдена само доколку е искрена и целосна:
„Ги замолуваме сите граѓани кои не ја споделуваат нашата болка и целосната цел на маршот, да се воздржат од учество.“
Минатата сабота маршот не се одржа поради празнувањето на Илинден, но оваа недела семејствата повторно ќе излезат на улиците, со истата порака – за правда, одговорност и незаборав.