Со достоинство, емоција и гордост, Македонците во Викторија оваа година го одбележаа тројниот Илинден, храбрите победи на Филип и Александар, пламнувањето на слободата преку Крушевската Република во 1903, духовното раѓање на државноста со АСНОМ во 1944, и современиот Илинден, симбол на македонскиот стремеж за независност, идентитет и национално единство.
Илинденот беше одбележан два дена исполнети со емоции, заедништво и длабока свест за значењето на историските корени.

Како патници низ времето, на 1 август македонската заедница од Џилонг организирано отпатува со автобуси кон места што се поврзуваат со македонското минато: заливот Порт Филип, планината Маседон и врвот Александар, локации именувани во чест на македонски великани, кои денес стојат како стражари на нашата историја и симболи на храброст и достоинство.
Вториот ден од чествувањето, Македонската православна општина во Мелбурн и Викторија организираше комеморација во дворот на црквата „Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица”. Молитвениот помен беше посветен на македонските војводи и херои кои ги положија своите животи за татковината, за слободата на Македонија и за иднината на народот. Пред споменикот на Гоце Делчев, присутните со обединети срца, во тивка благодарност и длабока чест кон оние што својот живот го посветиле на идеалот за слободна татковина.

Во името на МАСО, Мирјана Неделковски положи венец од љубов, благодарност и сеќавање, симболична почит кон сите што го дале својот живот за нашата независност.
Ова дводневно прославување заврши со свечената гала вечер, одржана во Шелдон Рецепшн. Настанот ги собра членовите на заедницата, пријателите на Македонија и високи гости, силен израз на поддршка и заедничка цел. Меѓу присутните беа конзулот на Република Македонија во Викторија, Али Алиевски, министрите Мелиса Хорне, Наталие Сулејман и Даниел Мулино. Претставници од Македонската православна заедница во Викторија и Австралија – Дејан Змејкоски и Марјанче Тембелески. Д-р Кен Зулумовски – абориџинец по потекло, со македонски корени, кој на уникатен начин ја поврзува традицијата, духовноста и заедништвото. Од претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, беше испратена Илинденска честитка – порака исполнета со надеж, слога и верба во колективниот напредок на Македонците низ светот.

Културно-уметничката програма ја исполни вечерта со силна емоција. Фолклорните групи од КУД „Јане Сандански” и „Светлост” го разбудија срцето на минатото со своите ора – танци што го раскажуваат патот на македонската душа. Облечени во носии со живописни бои и вековни везови, тие беа како живи слики од еден непокорен дух. Изведбите ја оживеаја традицијата и ги допреа срцата на сите присутни, оставајќи впечаток исполнет со слава, љубов и македонска гордост.
Младите од МОЈА (MOYA – Македонска православна младина на Австралија) внесоа свежина во културното наследство со својата енергија и посветеност. Нивната работа носи светлина за новите генерации и ја продолжува нишката на македонското наследство со надеж и ентузијазам.

Музиката на оркестарот „Ројал” и изведбите на Сања Ристевска, Новица Василевски, Тијана Степановска и Петар Дамчевски создадоа магична атмосфера, песни што зборуваа за љубов, заедништво и културна припадност.

Лотаријата, организирана од Димче Могилчето, собра 600 долари кои ќе бидат донирани преку GoFundMe за помош на Кочани – силен знак на грижата што нè поврзува како едно македонско семејство, без разлика на далечините. Донациите траат и досега се собрани 38,628 долари.

Прославата беше резултат на трудот и љубовта на организацијата МАСО и нејзините посветени членови – Лидија Нешковски, Соња Дималовски и Кристијан Станојовски.
Ова чествување не беше само оддавање чест на минатото, туку и обнова на заветот за иднината. Во огнот на хероите, боите на носиите и чекорите на ората, Македонците во Викторија ја негуваат својата култура, го пренесуваат духот на историјата и го одржуваат пламенот на заедништвото што го осветлува патот што допрва доаѓа.

Светлана Јаневска
Фото: Никола Неделковски