Од 1 јануари 2026 година, Словенија ќе започне нова ера на работни односи, откако стапува во сила серија реформи кои имаат за цел да ја зголемат продуктивноста, да го намалат стресот кај вработените и да го олеснат транзициониот период до пензија.
Клучната новина е воведувањето на моделот „80-90-100“, преку кој вработените постари од 58 години или оние со најмалку 35 години работен стаж ќе можат да избираат меѓу неколку опции: да не работат петок, да имаат продолжен викенд или да работат по шест часа дневно. И покрај намаленото работно време (80% од полно), тие ќе добиваат 90% од платата, а пензиските и здравствените придонеси ќе се плаќаат во целост.
Овој пристап, веќе тестиран во неколку европски земји, вклучувајќи ја Исланд, Германија и Ирска, во пилот-проектите во словенечки компании резултираше со зголемена ефикасност, подобро ментално здравје и намалено отсуство од работа.
Широки реформи до 2028 година
Министерството за труд, предводено од Лука Месец од партијата Левица, најавува дека ова е само почеток. До крајот на 2028 година, планот е да се воведат и други мерки, како скратување на работната недела на 38 часа, задолжителен божиќен бонус и подобрени услови за работа во викенди.
Во фокусот се и ранливите категории: ученици, студенти и учесници во јавни работи ќе добијат повисока минимална саатница и подобра заштита. Пензионерите, пак, ќе можат да работат до 85 часа месечно – зголемување од претходните 60, со што ќе си зголемат годишните приходи.
За невработените се воведуваат повисоки надоместоци, при што првите три месеци откако ќе останат без работа ќе добиваат 130% од минималната бруто-плата (над 1.660 евра), по што износот ќе се намалува постепено.
Буџетски предизвици и политички условености
Иако реформите носат позитивни ефекти за пазарот на трудот, Министерството за финансии предупредува дека имплементацијата ќе чини најмалку 40 милиони евра. За да се одбегне финансиски шок, владата ќе ги донесува подзаконските акти поетапно, во зависност од стабилноста на владејачката коалиција и буџетските приливи.