Нова населба за млади на Чупино Брдо, поликлиника, спортски комплекс „Пржино“, ново основно училиште, компјутери за наставниците, нови детски градинки, рекреативен центар „Покрсти“, гасификација на сите училишта и индустриски капацитети, затворен пазар и спортско-рекреативен центар „Расадник“ – се дел од најголемите проекти што градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, им ги вети на граѓаните и за кои вели дека најголемиот дел се веќе реализирани или во завршна фаза.
Ѓорѓиевски наведе дека најголемиот дел од програмата со која ја доби довербата на граѓаните во 2021 година е завршена или е во завршна фаза.
„До денес се имаат асфалтирано над 70 километри улици, а можам да кажам дека се уште работиме и дека ќе го исполнам даденото ветување за целосно менување на ликот и имиџот на Кисела Вода. Отворивме и пет нови градинки, станавме првата целосно дигитализирана општина во регионот, која нуди десетици електронски услуги преку модерна веб-платформа, а можеме да се пофалиме и со над 80.000 квадратни метри ново парковско зеленило“, вели Ѓорѓиевски.
Тој рече дека не постои ниту еден проект од неговата изборна програма за кој не е започната некаква постапка, иницијатива или подготовка.
„Сè што сме го ветиле пред граѓаните, го третираме како обврска, а не како политичка изјава за дневна употреба. За жал во сите овие изминати години, често се соочуваме со административни блокади, нереално долги рокови за усогласување, или недостаток на соработка кога реализацијата бара поддршка од Градот. Ниеден проект не е заборавен, ништо не е оставено зад нас. Сè што сум ветил, ќе биде реализирано“, додава тој.
Еден од најголемите успеси за него е токму пристапот што го вовеле – работата на терен, со луѓето, отворено, отчетно, брзо и ефикасно.
„Мошне успешна беше и реализацијата на моделот за постигнување на рамномерен развој на сите населби и населени места, бидејќи сите наши жители се важни и никој не беше изоставен. Токму затоа денес имаме 70 километри нови улици, но уште поважно, имаме средени просторни целини, во кои е пријатно и безбедно да се живее, а не како во минатото,населби во кои нема канализација и вода за пиење“, појаснува Ѓорѓиевски.
Тој смета дека Скопје не смее да биде град на исклучоци и централизација – туку град на рамномерен развој, на достоинствен живот во сите негови делови.
Опозицијата обвинува за лоши резултати во повеќе сектори
Владимир Грујовски, координатор на советничката група ан СДСМ во Кисела Вода вели дека работата на градоначалникот Ѓорѓиевски предизвикува поделени мислења кај граѓаните на Кисела Вода.
„Сообраќајната безбедност, особено во близина на училишта, функционирањето на активниот центар за зависници и неговите корисници – иако за истиот беше дадено ветување за дислокација уште веднаш, зголемениот број улични кучиња се само дел од секојдневните и долгогодишни проблеми на жителите на Кисела вода којшто сè уште не се надминати а на големо беа најавувани“, вели Грујовски.
Тој смета дека во Кисела Вода сè уште се гради неплански каде има кои улици доколку би имало потреба од брза интервенција на против пожарната единица или брза помош, нема соодветен пристап до станбените објекти, и тоа во урбаниот дел на Кисела Вода.
„Граѓаните очекуваа посистематски пристап во справување со урбанистичкиот развој и проблемите со загадувањето, а транспарентноста и одговорното користење на јавните средства се теми кои сè почесто ги интересираат жителите. Новите генерации сакаат вистински промени. Точно знаат кој какви законски ингеренции има и колкави се тие. Затоа не сакаат ПР популизам – убаво спакувани зборови без реална основа, а овие четири години во најголем дел го добија тоа“, изјави Грујовски.
Истите проблеми ги посочи и Донче Мишовски, член на Централниот Комитет на Левица и модератор на локалниот огранок во Кисела Вода кој е на став дека Ѓорѓиевски ветил многу големи проекти, но не ги исполнил.
„Ѓорѓиевски вети дека ќе ја стопира урбаната мафија, вети технолошка развојна зона Драчево и зона Чупријан каде ниту се отворија ниту некој се вработи, поликлиника, монтажни и катни гаражи, дислокација на болницата за зависници, полициска станица, гасификација на сите училишта, улично осветлување со лед сијалици, стационар за кучиња и други проекти кои им ги вети на жителите на Кисела Вода, но не ги реализира“, објаснува Мишовски.
Иако градоначалникот во неколку наврати им ветил дека и тие како опозиција ќе бидат дел од изготвување на програмите, сепак тоа останало само на вербална понуда, па како опозиција биле приморани да одат со амандмани.
„Само две наши иницијативи беа прифатени од мнозинството со препорака од градоначалникот. Останатите иницијативи беа одбиени со образложение дека општинската власт се држи до својата програма. Имаме неколку главни приоритети кои ќе им се допаднат на граѓаните и сметаме дека можеме да им понудиме нешто поразлично на жителите на Кисела Вода“, дециден е Мишовски.
Кисела Вода влегува во завршната година од актуелниот мандат со голем број започнати и реализирани проекти, но и со отворени прашања кои остануваат предизвик за идниот период. Локалната власт, предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, посочува дека најголемиот дел од програмата со која ја доби довербата на граѓаните во 2021 година е завршена или во завршна фаза.
Од друга страна, опозицијата предупредува дека дел од големите најавени проекти сè уште не се реализирани и дека потребно е поголемо внимание на сообраќајната безбедност, урбанистичкото планирање и транспарентното управување со јавните ресурси.
Она што останува предизвик за Кисела Вода е да се обезбеди континуиран и рамномерен развој на општината, подобрување на квалитетот на живот за граѓаните и надминување на долгогодишните инфраструктурни и социјални проблеми. Следните месеци ќе бидат клучни за тоа дали ќе се заокружи планираната програма и дали општината ќе успее да го оствари потенцијалот за кој се залага локалната власт.