Денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања на самиот почеток е прекината и ќе продолжи за еден час на барање на пратеничката група на „Левица“.
Пратеникот Сашко Јанчев од „Левица“ во процедурална забелешка побара еден час пауза поради тоа што од јануари собраниските служби не и доставиле одговор на пратеничката Јована Мојсоска за патничките трошоци на пратениците за 2024 година.
– Од јануари пратеничката Мојсоска има побарано информација за патните трошоци на пратениците за 2024 година и до денес не и е одговорено. Станува збор за информација од јавен карактер што собраниските служби се должни да и дадат одговор. Бараме еден час пауза и ќе продолжиме да бараме се додека не и се одговори на пратеничката. Бараме да им се наложи на собраниските служби да и одговорат на пратеничката, рече Јанчев.
Претседателот на Собранието Африм Гаши одговори дека не е точно тоа што го говори Јанчев и дека неколку пати е укажано, но дека имаат право на пауза од еден час.
Собранието треба да продолжи со работа во 12:05 часот.