Кога Тони Коњановски застана на чело на Општина Битола, на граѓаните им вети видливи и долгорочни промени – од реконструкција на улици и изградба на нови паркови, до инвестиции во енергетска ефикасност и заштита на животните.
Денес, Општина Битола тврди дека ветеното е исполнето – или е во напредна фаза на реализација.
„Реализирана е изградба и реконструкција на улици, нов парк во Нова Битола, дигитализација на Општина Битола, изградени примарни велосипедски патеки и вело премини, изграден стационар за бездомни животни, како и субвенционирање и поддршка преку проектот „Енергетски ефикасни домови“ за колективните згради постари од 30 години со реновирање на надворешните фасади на зградите – сето тоа е дел од проектите што се реализирани“, велат од општината.
Според нивните податоци, над 90% од планираните проекти се или целосно изведени или се во постапка на отпочнување.
Во моментов тие велат дека се работи на неколку капитални зафати.
„Проектот за Топлификација, изградбата на нова противпожарна зграда, мултифункционален спортски комплекс, нов влез од правецот на Прилеп, пречистителна станица и колекторски систем, како и нов Генерален урбанистички план се во тек на реализација“, појаснуваат од Општината.
Во нивен фокус е и подобрувањето на спортската инфраструктура: реконструкција на спортските сали и терени во основните и средни училишта, како и проектна документација за целосна енергетска ефикасност во четири училишта.
Општината признава дека спроведувањето на програмата не било без предизвици.
„Војната во Украина предизвика огромен пораст на цените на светските пазари, што директно се одрази и кај нас. Многу од проектите беа проектирани по една цена, а се најдоа во ситуација да се изведуваат со сосема други трошоци. Бевме принудени да бараме решенија за дополнително финансирање“, велат од Општината.
Дополнително, посочуваат и на политички пречки.
„Предизвик беше и слабата поддршка од дел од советниците во Советот на Општина Битола, каде беа стопирани европски проекти, донации и нивна реализација.“
Опозицијата на став дека се изгубиле четири години
Четири години поминаа, а ниту еден од капиталните проекти што беа ветени не е завршен, a се потрошени над 120 милиони евра на битолчани, вели Петар Николовски, координатор на советничката група на СДСМ Битола.
„Ова беше изгубен мандат за Битола. Градоначалникот Коњановски и неговиот тим покажаа неспособност да реализираат, а често дури и да започнат, проекти што беа ветени на битолчани. Наместо сериозна работа, добивме површен ПР, сликање покрај нечија туѓа работа и прикривање на неуспесите на директорите на јавните претпријатиа кои ги доведоа да бидст во загуби од над 2.5 милиони евра“, вели Николовски.
Тој смета дека ветиле многу, но не реализирале речиси ништо.
„Мултифункционалниот спортски комплекс не постои, новото училиште не е ниту започнато, студентскиот парк остана како телевизиска најава, нема решение за уличните кучиња, нема јавен превоз, кружни текови, почист воздух и модерен град“, додава тој.
Николовски тврди дека Развојната програма на Општина Битола била променета над 15 пати во само три години.
„Нашите три главни приоритети за подобра Битола се транспарентно, отчетно и домаќинско раководење со парите на битолчани. Тоа се нашите приоритети кои ќе го подобрат управувањето со општината. Соработката со граѓаните и останатите политички партии во вистинска смисла на зборот, може од Битола да направи многу подобро место за живеење. Доста е од купи ден – помини политика во која рејтингот е поважен од потребите на заедницата“, потенцира Николовски.
Идентичен став има и советникот Иван Чулакоски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ кој вели дека на почетокот имале неформална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во Битола каде се договориле дека ќе соработуваат на одредени теми и проекти кои ги имале во програма и кои ги ветиле пред битолчани, но сето тоа паднало во вода.
„Се договоривме да ги нема оние партиски вработувања, директори, но, по партиски директиви од Скопје, се назначуваат такви луѓе. Јавните претпријатија во Битола се 2,5 милиони евра во загуба. Битола е гнасна, имаме стари камиони кои течат по улиците, валкано е низ градот. Се појавуваат некакви бројки за набавка на резервни делови, за услуги кои се енормно големи, се гледа дека е класично испумпување од сметките на фирмите“, вели Чулакоски.
Во Битола се реализираат проекти со висока цена, но со сомнителен квалитет. На една индустриска улица, каде секојдневно се движи тешка механизација, асфалтот кој требаше да биде со засилена дебелина – почнал да се распаѓа само 20 дена по поставувањето, иако чини дури 600 илјади евра, вели тој.
Чулакоски додава дека партиските приоритети го закочуваат развојот на градот, а локалната власт, според него, не ја води Битола во правилна насока.
„Немајќи време од партиски обврски, Битола не се движи по правилен пат со овој градоначалник. Битола нема некои големи приходи, нема некаков влез на пари“, вели тој.
Меѓу проектите што можеле да значат сериозен напредок за битолскиот туризам е и идејата за изградба на гондола на Пелистер. Иако иницијативата добила поддршка од сите советнички структури, таа останала закочена.
„Моја лична иницијатива на која работиме, иако е закочена бидејќи е предложена од независен советник, беше гондола на Пелистер – проект кој добро го претставив и кој може многу да значи за Битола. Бевме во посета на Златибор, гледавме иста таква гондола, инвестицијата таму е исплатлива. Предлогот беше изгласан од сите структури, неколку пати побарав помош и од централната власт, но нема слух.“
Според Чулакоски, Битола е оставена сама на себе, и покрај тоа што има пет пратеници во Собранието.
„Имаме пет пратеници од Битола во Собранието, но досега немаат покренато никаква иницијатива за да придонесат нешто за градот. Ваквата идеја како гондолата може да донесе голем бенефит за развој на туризмот и економијата, не само во Битола, туку и во регионот“, вели тој.
Независниот советник потсетува дека Битола трпи огромна штета од загадувањето кое доаѓа од РЕК Битола, а некои од иницијативите кои биле едногласно изгласани, не се реализирале.
„Битола трпи огромна штета од загадувањето од РЕК Битола. Имавме неколку иницијативи, како проект за садење дрва, кои беа изгласани едногласно, но не беа реализирани. Приоритет ни се и улиците – тие се во катастрофална состојба“, вели Чулакоски.
Тој е дециден дека градот има потенцијал, но дека е потребна политичка волја и визија за вистински промени.
„На Битола ѝ се потребни луѓе со визија. Доколку не застане некој независен, некој кој ќе го сака градот и нема да ги слуша наредбите од Скопје, мислам дека со буџетот на Општина Битола може многу да се направи“, заклучува Иван Чулакоски.
Битола без душа – младите бегаат, системот не функционира
Тоа што е напишано на документ и она што навистина се спроведува и се случува во Битола се сосема две различни работи, смета Ѓорги Јашевски од „Граѓанска асоцијација“ Битола.
Тој укажува дека младите не само што не се враќаат, туку заминуваат уште поодлучно од порано.
„Ветуваа дека ќе ја вратат младата популација назад, ама од тоа засега нема ништо. Не можат да ја вратат од многу причини. Пелагонискиот регион шест месеци немаше испитен центар. Како ќе се вратат младите кога нема каде да полагаат за возачка дозвола? Образовниот систем ни е буквално катастрофа.“
Јашевски смета дека градот само на изглед се развива, но реалноста е многу поразлична.
„Изгледа како да се гради цело време во градот, а всушност не им се гледа крајот на градежните работи. Дури 210 деца помалку има запишано во прво одделение споредбено со минатата година. Тоа многу зборува.“
Проблемот, како што вели, не е само во економијата, туку во нефункционалноста на системот.
„Направивме непродуктивен кадар и веќе тоа многу се отсликува. Со ова темпо на работа, градот ќе изумре. Сега не бегаат луѓето од немањето можност за егзистенција, туку од немањето на систем. Тоа не важи само за Битола, туку и за другите градови.“
Разочараноста ја чувствуваат и постарите, не само младите.
„Кога не гледаме перспектива, тогаш и ние сакаме да заминеме, не само помладите. Младата популација не ни помислува да остане тука. И таа очекуваше подобрување, но нема шанси да остане во една ваква ситуација“, заклучува Јашевски.
Битола сè повеќе се соочува со демографски пад, иселување на млади, недостиг на образовни и инфраструктурни услови и загадување од индустриски извори како РЕК.
Следува период на огромни предизвици за Општината во која граѓаните ќе бидат оние кои ќе одлучат во која насока треба да се движи таа.
Битола има сериозен потенцијал за туристички и економски напредок, особено преку активирање на Пелистер, развој на рурален туризам, дигитална индустрија и обновлива енергија. Но за тоа да се случи, ќе биде потребен потполно нов пристап: транспарентно управување, поинтензивна комуникација со граѓаните, департизирана администрација и поголема поддршка од централната власт.