Во срцето на летото, кога сонцето силно грее, природата нè дарува со мноштво свежи и лековити дарови. Еден од нив се младите листови од смоква – не само симбол на медитеранскиот дух, туку и вистинско богатство на ароми и здравје. Од нив може да се подготви ароматичен домашен сируп кој освежува, радува и потсетува на старите времиња кога се пиеле природни сокови, направени со љубов и трпение.
Овој едноставен, но посебен рецепт е совршен за летните денови, кога телото бара освежување, а душата нешто автентично и природно. Послужете го ладен, со коцки мраз и парчиња лимон – и уживајте во вкусот на летото.
Состојки:
30 млади листови од смоква
1 литар вода
1 килограм шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
1–2 лажички лимонтус
Подготовка:
Подготовка на листовите:
Изберете млади, светлозелени листови од смоква. Со ножички отстранете ги дршките за да се избегне горчливиот вкус. Измијте ги внимателно, тријќи ги еден од друг за да се отстранат природните наслаги.
Готвење на сирупот:
Во длабок сад ставете ја водата, додајте ги листовите, кристал шеќерот, ванилиниот шеќер и, по желба, лимонтус. Варете на тивок оган околу 20 минути.
Извадете ги листовите и добро исцедете ги. Продолжете со варење уште неколку минути. По вкус, можете дополнително да додадете лимонтус или ванилин шеќер.
Додека сирупот е сè уште топол, сипете го во чисти стаклени шишиња и добро затворете ги. Оставете ги да се оладат на собна температура.
Послужување:
Разредете го сирупот со ладна вода или минерална вода. Додадете коцки мраз и лимон по желба.
Совет:
Лимонтусот е најдобро да се додаде кога шеќерот ќе се растопи целосно – така вкусот ќе биде поблаг и поосвежителен.