Откако вчера се потврди информацијата дека 85% од акциите на ФК Брегалница се продадени на турскиот инвеститор Мурат Шамил Шен, кој најавува амбициозни планови, истиот тој е заинтересиран и за купување на кошарскиот клуб Соколи од Штип.
Шамил Шен е познат спортски работник и некогашен кошаркарски репрезентативец кој настапувал за клубови во Германија и Турција, меѓу кои и Фенербахче, па оттука е и неговиот интерес за инвестирање и во кошарката во Штип.
Претседателот на клубот Љубе Здравков за ММС вели дека постои интерес.
„Се имаме сретнато со него, поразговаравме и сето тоа е во фаза на интерес кој допрва ќе видиме како ќе резултира. Ние прво треба да се трансформираме во акционерско друштво. Кога ќе се случи тоа, тогаш ќе може да се разговара за влез на капитал во клубот“, вели Здравков.
Во однос на тоа кој е турскиот инвеститор Мурат Шамил Шен, за него се знае дека има искуство во менаџмент, бил генерален директор во Aseemas General Trading во Дубаи, а подоцна работев како генерален директор во Kadr Textile и Lesson GmbH во Германија.
Во Турција, Шен бил на високи менаџерски позиции, првенствено во големи брендови како Vakko и Sarar. Со обезбедување консултантски услуги и услуги за обука, стекнал богато менаџерско искуство во широк спектар на сектори и на домашниот и на меѓународниот пазар.
(К.Т.)