Британскиот глумец Саша Барон Коен, можеби попознат како Борат или Али Џи, се пофали со своето ново мускулесто тело. Тој, инаку, се најде на новата насловна страница на британското издание на списанието „Мен’с фитнес“ (Men’s Fitness U.K.), каде што во претстојниот број има и фотоинтервју со актерот.
„Некои познати личности го користат ’Оземпик’, некои – лични готвачи, а други користат лични тренери… Јас ги ползував сите три“, се пошегува Коен на Инстаграм споделувајќи ја насловницата и слики од фотоинтервјуто. – „Ова не е вештачка интелигенција. Навистина сум доволно егоистичен за да го направам ова“, додаде тој потоа.
Фитнес-режимот бил во полза на неговата улога како Мефисто во мини-серијата на „Марвел“ – „Железно срце“ (Ironheart) којашто е актуелна ова лето. Не е познато кога Коен повторно ќе го глуми Мефисто во кинематографскиот универзум на „Марвел”, но како што коментираат неговите обожаватели, тој покажа дека може и умее да биде во одлична форма.