Штипска Брегалница доби нов газда – 85% од акциите на клубот се продадени на турскиот инвеститор Мурат Шамил Шен, кој најавува амбициозни планови: враќање на „сините“ во Првата лига и борба за највисоки дострели.
Со одлука на Советот на Општина Штип, досегашниот сопственик Кирил Гогов ги презеде сите акции, по што 85% од нив ги продаде на Шен – познат спортски работник и некогашен кошаркарски репрезентативец кој настапувал за клубови во Германија и Турција, меѓу кои и Фенербахче.
Договорот предвидува Брегалница да стане финансиски стабилен клуб, а најголем дел од стручниот штаб и играчите да бидат од Штип. Општината веќе нема да го финансира сениорскиот тим, туку ќе обезбедува средства само за младинските категории. Буџетот ќе биде дефиниран наскоро, но се очекува да изнесува околу еден милион евра.
Според Шен, целта е да се размислува долгорочно и да се однесе клубот во вистински правец.
„Препознавме потенцијал во овој клуб, град и ни се допадна визијата на градоначалникот Јорданов. Уште на самиот старт ќе бидат потрошени околу милион евра за акциите, клубот и реконструкција на стадионот“, рече Шен.

Како шеф на стручен штаб се очекува да биде потврден Влатко Костов кој не беше присутен на денешната прес-конференција, додека Димитар Маџунаров ќе ја води младинската школа. На 12 септември под рефлектори е најавен и пријателски натпревар помеѓу ветераните на Брегалница и Црвена Звезда.
Иако на македонската Берза е наведено дека на продажба се ставени околу 51% од ФК Брегалница, се испостави дека процентот е многу поголем и истиот изнесува 85.
Турскиот инвеститор воедно напомена дека сите оние кои ќе бидат дел од новата Брегалница ќе потпишат договори дека нема да имаат никаков контакт со обложувањето.
Гаранција за тоа ќе биде се што поседуваат како имот.
„Обложувањето е длабоко навлезено во спортот, а ние сме строго против тоа. Ние направивме со помош на нашите правници еден договор кој сите кој што се поврзани со клубот ќе мора да го потпишат, вклучувајќи ме и мене. Сите ќе потпишат изјава во која ќе има согласност дека нема да се има никаква врска или контакт со обложувачки работи и со тоа ќе се даде гаранција со целиот имот и се што се поседува, дека нема да се има никаков контакт со тие активности. Ние сме тука за спортот, а спортот мора да е спорт и чист“, рече Шамил Шен.
Во однос на тоа кој е турскиот инвеститор Мурат Шамил Шен, за него се знае дека има искуство во менаџмент, бил генерален директор во Aseemas General Trading во Дубаи, а подоцна работев како генерален директор во Kadr Textile и Lesson GmbH во Германија.
Во Турција, Шен бил на високи менаџерски позиции, првенствено во големи брендови како Vakko и Sarar. Со обезбедување консултантски услуги и услуги за обука, стекнал богато менаџерско искуство во широк спектар на сектори и на домашниот и на меѓународниот пазар.
За наредната недела е најавена нова прес-конференција на која ќе бидат претставени новите засилувања, новиот тренер Влатко Костов и новиот спортски директор.
(К.Т.)