Лесна, освежителна и неодоливо кремаста – оваа панакота од кајсии ќе стане вашиот нов омилен летен десерт! Совршено избалансиран вкус помеѓу слаткото од мед и благо киселата нота на кајсиите, збогатен со ванила. Сервирајте ја во чаши и украсете со гранче нане.
Состојки (за 4 лица):
- 250 г свежи кајсии
- 1 лажица шеќер
- 400 мл слатка павлака
- 2–3 лажици мед
- 5 грама желатин
- 1 ванилин шеќер
За декорација: - гранче нане
Подготовка:
Измијте ги и преполовете кајсиите, отстранете ги коските, посипете ги со шеќер и ставете ги во рерна на 180°C околу 5–10 минути – само колку да омекнат. Потоа излупете ги и изблендирајте во мазно пире. Загрејте ја слатката павлака со ванилин шеќер до вриење. Додајте го медот и мешајте додека не се растопи. Желатинот ставете го во неколку лажици ладна вода и оставете го да набабри (10-ина минути), па растопете го во малку од загреаната павлака. Измешајте ја со пирето од кајсии. Додајте го растопениот желатин и убаво соединете. Истурете ја смесата во чаши или калапчиња. Ставете ги во фрижидер минимум 2–3 часа (најдобро преку ноќ). Сервирајте со неколку ливчиња свежо нане.
Совети:
За вегетаријанска верзија, користете агар-агар наместо желатин.
Панакотата може да се направи и со праски или сливи.