Време е за едно вистинско летно јадење кое ќе ги освои сите сетила! Прекрасно печени модри патлиџани со богат болоњезе фил, стопено сирење и свеж босилок – совршено и за семејна трпеза и за гости.
Еве како да ги подготвите:
Потребни состојки (за 4 лица):
- 2 големи модри патлиџани
- 1 тегла болоњезе сос (300 гр.)
- 3 лажици маслиново масло + уште малку за премачкување
- 1 мал кромид
- 1 чешне лук
- 50 гр. рендано сирење (по избор – моцарела, кашкавал или пармезан)
- Сол и бибер по вкус
- Свеж босилок за сервирање
Подготовка:
1. Подготовка на модрите патлиџани:
Измијте ги патлиџаните и пресечете ги по должина на половина. Со лажица внимателно издлабете ја средината, но оставете ги ѕидовите доволно дебели за да држат фил. Издлабеното месо ситно исечкајте го.
2. Филување:
Во тава загрејте 3 лажици маслиново масло. Ставете го ситно сечканиот кромид и пропржете го до стаклест. Додадете го здробениот лук и сечканота срцевина од патлиџанот. Пржете додека патлиџанот не омекне. Потоа додадете го болоњезе сосот и само промешајте. Зачинете по вкус.
3. Подготовка за печење:
Загрејте ја рерната на 190°C.
Во тава со хартија за печење наредете ги издлабените патлиџани. Премачкајте ги со малку маслиново масло. Наполнете ги со приготвениот фил и одозгора посипете рендано сирење.
4. Печење:
Печете ги 30 минути, или додека горниот дел не добие златна боја. Извадете ги од рерна и оставете ги да одморат 10-ина минути.
Сервирање:
Сервирајте ги топли, со свежи ливчиња босилок одозгора. Вистинско гастрономско уживање!
Совет:
По вкус, при пржење може да додадете и малку оригано за дополнителна арома. Ако постите не ставајте сирење.