Ни „модерен“ ни македонски – трите политички групи во Европскиот парламент наводно договориле на нацрт – извештајот за напредокот на Македонија да го усвојат со бришење на деловите со македонскиот јазик и македонски идентитет. Како што јавува БГНЕС, а го потврдува бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, на ваков начин се решава спорот околу идентитетските прашања во извештајот на известувачот за Македнија Томас Вајц. Согласноста била постигната меѓу ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обнови ја Европа за гласањето за 7 јули.
„Независен весник“ објавува детали од документот што се предлага за усвојување. Според новите амандмани, како што пишува „Независен“, известувачот Томас Вајц значајно ретерира околу првичните позиции, па во извештајот не само што ќе нема признавање и почитување на „македонскиот јазик и идентитет“, туку може да се изгласа и политичко оградување. Имено, со два амандмани Вајц предлага да се додаде во уводниот дел од извештајот ставот:
„Со оглед на тоа што прашањата за јазикот, идентитетот и културата се по природа чувствителни, особено во контексти што вклучуваат сложени историски наративи и нови независни држави“, како и ставот дека ЕП „го признава постоењето на различни толкувања во врска со потеклото на македонскиот јазик и идентитетот; нагласува дека неговиот извештај нема за цел да прејудицира или да го ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак таквите толкувања имаат влијание врз оценката на Парламентот за напредокот на Северна Македонија кон пристапувањето кон ЕУ, која останува заснована на критериумите од Копенхаген и принципите на добрососедски односи“, пишува „Независен весник“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање вели дека на талибански начин се бришат македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Ивештајот на ЕП. Како што кажа, „уште еднаш на јавна сцена се докажа дека не е проблемот внесувањето на само неколку стотини Бугари во Уставот, туку дека проблемот е многу подлабок“.
-И сега сите тие коишто манипулираа во минатото, сите оние коишто не убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници, коишто доаѓаат и надвор од Македонија и политичари и личности кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или појма немаа од водење политика, рече Мицкоски.