Пратеници во Европскиот парламент од редовите на Словенечката демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша ја обвинија еврокомесарката за проширување Марта Кос за политичката пристрасност и мешање во внатрешната политика на Словенија.
Повод за ваквите обвинувања е интервјуто на Кос за словенечкиот весник „Младина“, објавено вчера, во кое таа вели дека на би сакала „Словенија повторно да има влада на Јанез Јанша“.
Кос посочува дека е свесна оти европските комесари не треба да коментираат внатрешни состојби во земјите членки н ЕУ, но оти таа не би сакала словенечка Влада предводена од Јанез Јанша, по моделот на унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп.
Словенечките европратеници, како што објави „Еурактив“, тврдат дека Кос со ваквата изјава ги прекршила одредбите од Договорите за ЕУ, кои предвидуваат оти членовите на Европската комисија треба да служат на општиот европски интерес, што вообичаено се толкува дека тие треба да останат надвор од внатрешните политички борби.
Според анкетите на јавното мислење во Словенија, доколку сега би се одржале парламентарни избори, конзервативната СДС би освоила над 21 отсто од гласовите, пред либералното Движење Слобода на словенечкиот премиер Роберт Голоб со околу 18 проценти и партијата Социјалдемократи со околу пет отсто. Следните парламентарни избори во Словенија треба да се одржат најдоцна до април 2026 година. МИА