Полициски службеници спасиле четири лица од едрилица во Охридското Езеро, откако бил оштетен дел од пловниот објект поради лошите временски услови, соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи.
– Синоќа во 19:30 часот, во Полициската станица за граничен надзор – „Охридско Езеро“, пријавено е дека лица од пловен објект, што бил во водите на Охридското Езеро, на околу 2,5 километри од езерскиот брег наспроти авто-кампот „Извиднички“, бараат помош. Полициски службеници со службен глисер веднаш се упатиле кон посочената локација, каде се забележани четири лица на едрилица, кои барале помош. Преземени се неопходните мерки и лицата се безбедно пренесени во полициската станица кај каналот „Студенчишта“, појаснија од Министерството за внатрешни работи.
Безбедно била извлечена и едрилицата на која, поради лошите временски услови со силен ветар и бранови, дошло до кршење на крмениот лист, по што, лицето кое ја управувало едрилицата, изгубило контрола врз пловниот објект.