Научниците од лабораторијата за роботика при Националниот универзитет за одбранбена технологија (NUDT), кој се наоѓа во централната кинеска провинција Хунан, неодамна претставија мал дрон во форма на инсект, погоден за мисии за надзор и извидување.
Дронот беше претставен на јавноста преку воената телевизиска програма CCTV 7 и изгледа речиси… живо: има крилја што треперат како инсекти, нежни нозе како влакна и силно наликува на вистински комарец. Поради многу малата големина, може да проникне во речиси секој простор и да остане незабележан во секаков вид средина. Иако официјално е наменет за воена употреба и извидувачки мисии, многумина проценуваат дека може да се користи и за цели на масовно набљудување од страна на кинеската влада.
Дронот што беше претставен беше долг само 1,3 сантиметри и можеше лесно да се контролира преку паметен телефон. Имаше крилја што личеа на лисја, три мали нозе и беше забележително потивок од конвенционалните дронови. Неговите производители веруваат дека е речиси невозможно да се открие и дека може да се користи во различни мисии, како што се пристап до тешко достапни места во случаи на природни катастрофи или мерење на квалитетот на воздухот со вградени сензори.
Иако „дроновите против комарци“ станаа вирални на кинеските социјални медиуми, тие имаат и неколку ограничувања. Нивната мала големина е предност, но во исто време и слабост, бидејќи значително го ограничува траењето на батеријата и бројот и тежината на сензорите или другите компоненти што можат да ги носат.