Штип : За опозицијата власта со водоснабдувањето падна на испит пред граѓаните, за локалната власт тоа е успех со кој се гордее

Актуелниот градоначалник Иван Јорданов е кандидат на ВМРО ДПМНЕ за втор
мандат. Јорданов вели постигнале успех, а пред нив е задачата Штип да го
развијат во банско – рекреативен центар, а градот да се прошири со нови населби.
СДСМ е на став дека власта одби да ги слушне приоритетите на граѓаните и
пропушти да го реши нивното прво барање – редовно водоснабдување. Граѓаните
пак, бараат простор за движење, почист град, урбаната средина да биде урбана во
вистинската смисла на зборот.
Ако ги прашате локалната власт и опозицијата дали во овие изминати 4
години беа слушнати граѓаните, ќе чуете сосема спротивставени ставови.
Најилустративен пример е решавањето на водоснабдувањето, кое во пред Локалните
избори во 2021 година, беше главен приоритети на граѓаните. Ова беше на врвот
на најважните проекти и кај двете партии – СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.
Кој што ветуваше, а што направи?
Градоначалникот Иван Јорданов, кој ќе се „трка“ за втор мандат под боите на ВМРО ДПМНЕ, вели дека е особено горд што се работи на алтернативна Мрежа 2 за водоснабдување и два нови резервоари – Мерите и Пребег.
-Со тоа конечно ќе се реши деценискиот проблем што штипјани го имаат со водоснабдувањето. Еден горлив проблем што за мене е суштински, водоснабдувањето е приоритет, којшто го започнавме и кој го решаваме. Овде ќе се надоврзам и со изградбата на Булеварот „Партизанска“, веќе е очигледно дека булеварот е трасиран и очекувам следните недели да има завршница на започнатото, односно објекти кои се на самата траса да бидат урнати, изјави Јорданов.
Меѓутоа, опозицијата смета дека токму на водоснабдувањето, Јорданов и власта на ВМРО ДПМНЕ падна на испит. Маријана Рогожарска Поповска, советничка од СДСМ вели дека власта не ги послуша граѓаните. Нивен приоритет беа реконструкција на стариот систем за водоснабдување и изградба на нови линии, но наместо тоа, секојдневно има прекини на водоснабдувањето. Советничката потсетува на како што вели, нереализираните а ветени проекти од Јорданов и ВМРО ДПМНЕ
-На терен ништо од ова не е завршено, а граѓаните од високите делови од градот и натаму секојдневно се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето. Во 2021 година Јорданов настапи со програма со која всушност ја доби довербата од граѓаните во која ветуваше изградба на нова детска градинка во населбата Пребег, завршување на Булеварот „Партизанска“ до 2023 година, изградба на Дом за стари лица и геријатриски центар, регионален центар за возрасни и деца со попреченост, нов современ центар за управување со отпад, изградба на нова сала за борење, обиколница од Булеварот „Гоце Делчев“ до Ново Село, но за жал, ништо од ова не е реализирано. Напротив, без да се слушнат граѓаните и без да се спроведе јавна дебата, од мнозинството, а по барање на Јорданов, беше донесена одлука со која се затвори Едносмерната улица и се пренамени во шеталиште што предизвика блокирање на централното градски подрачје и создавање на сообраќаен хаос. Таков е и примерот со изградбата на паркот „Иднина“ за кој ќе бидат потрошени сто милиони денари, без да се прашаат граѓаните, изјави Рогожарска – Поповска.
Термалните води како потенцијал
Јорданов пак овие 4 години ги гледа како искуство како најдобро да се слушнат граѓанските потреби, дека е потребен поинаков пристап и континуитет. Од аспект на изминатиот мандат, Јорданов гледа огромен неискористен потенцијал во минерално термалните води, Штип како универзитетски центар кој со цените на сместување дава нов импулс во цените на недвижностите, но и во новите насоки на развој.
-Имаме огромен неискористен потенцијал во банско – рекреативниот туризам е нешто кое е потреба, за да овозможи иден развој на градот, додадена вредност, директен инкам и прилив на средства по основа на развој на оваа гранка. Искористувајќи ги минерално термалните води на бања Кежовица, секако дека како универзитетски центар е доста атрактивен и побарувачката за сместување и домување е таа која што ја диктира цената на пазарот на недвижности и во таа насока сметам дека Штип како град има огромен потенцијал за развој, за проширување и изградба на нови населби и во контекст на ова, потребно е градот Штип инфраструктурно да се проширува. Овозможувајќи проширување со нови населби и инфраструктура, која што нормално зависи од побарувачката и потенцијалот што градот го има. Така што, со завршувањето на изградбата на браната на реката Отиња, со потенцијално што го има со минерално – термалните води, мислам дека на Штип му е потребен развој на туризмот, привлекување на ваков вид на обрат на средства, кој што ќе додаде вредност во нашиот град, смета Иван Јорданов.
Политика на бекатон плочки, која мора да запре
За опозицијата она што до сега го видоа граѓаните е „политика на бекатон плочки, која мора да запре“, узурпацијата на секоја зелена површина и низ примерот на Суитлакот, кој со промена на ДУП-от од рекреативна зона стана станбена зона.
-Она со што единствено може да се „пофали“ Јорданов и мнозинството во Советот е промената на над 20 урбанистички планови, од кои најголемиот дел се во центарот на градот, а со кои се предвидува изградба на згради од кои веќе дел и се започнати. Се продаде буквална секоја парцела во сопственост на државата, а со кои располага градот како во центарот, така и во околните населби, а при тоа не се обезбедени ниту проекти, ниту средства за изградба на нова инфраструктура која е неопходна при донесување на вакви нови урбанистички планови. Центарот стана тесно грло, во сивило и бетон, е ставот на Маријана Рогожарска Поповска од СДСМ.
Каде се младите во плановите?
Кога ќе се слушаат власта и опозицијата, наизглед се’ е црно – бел поглед на едно владеење, но каде се тука граѓаните? Нивните приоритети се повеќе простор и содржина за младите луѓе, кои се’ помалку ги има, чист и среден град, повеќе зеленило, вистинска урбана средина. Или како што вели Драгана Митровиќ, младински работник, градот да биде подобар, односно Штип да биде вистински центар како што и територијално е. Очекува да им се даде простор на младите, кои ќе имаат повеќе свои места каде ќе се дружат, забавуваат, учат и надградуваат.
-Потребни се младински центри за сите млади на територијата на Штип и тоа не би бил само еден туку повеќе младински центри на повеќе места за децата и младите да го поминуваат своето време конструктивно и квалитетно. Сметам дека при тоа, со ова, има многу, многу повеќе простор за подобрување во резултати од учењето, за да се подобрат резултатите на младите и децата. Како граѓанин, од она што го гледам околу себе, постои алармантна потреба да се решаваат итно, комуналната хигиена и сообраќајната култура, е ставот на Митровиќ.
На октомвриските Локални избори, за Штип засега се познати два кандидати – Иван Јорданов, актуелен градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и Павел Ивановски од СДСМ, актуелен општински лидер. На потенцијалните нови кандидати, се чини, ќе почекаме уште малку.
В.К.