Финансиската полиција е институција со мал број на вработени, но со најголема тежина во државата. Во период од една година оваа институција испорача сериозни резултати. Станува збор за поднесени кривични пријави за штети на буџетот од над една милијарда денари, што е навистина сериозен износ и не може да се споредува со ниту еден период од минатото. Секој функционер мора да се однесува домаќински и да знае дека тоа се пари на граѓаните, кои не смеат да бидат злоупотребувани, беа пораките од отчетот на Управата за финансиска полиција, што се одржа вечерва во Скопје.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски пред почетокот на настанот, по повод 22 години од формирањето на институцијата, изјави дека во изминатиот период откриени се големи случаи кои претставуваат милионски штети на буџет. Тој појасни дека мора парите на граѓаните кои што се злоупотребени, да бидат вратени назад во буџетот.
– Во изминатиот период извадивме големи случаи, случаи кои претставуваат милионски штети на буџет и мораме парите на граѓаните кои што се злоупотребени, да ги вратиме назад во буџетот. Мора секој еден функционер да се однесува домаќински и да знае дека тоа се пари на граѓаните и не смеат да бидат злоупотребувани, рече Ивановски.
Тој најави дека во следниот период ќе ги интензивираат и финансиските истраги, што ќе значи утврдување, лоцирање и замрзнување на имотот кој што е пренос од казниво дело, а суштината на секоја истрага е парите да бидат вратени назад во буџетот.
– Покрај криминалистичката истрага, водиме и финансиски истраги, кои што ќе ги следат парите, ќе го следат имотот и со тоа ќе ги вратиме назад во буџетот на граѓаните, рече Ивановски.
Според премиерот Христијан Мицкоски, сериозен е податокот што од 1 септември 2024 до 10 јуни 2025 година, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена и противправна имотна корист во висина од речиси 30 милиони евра. Овие пари, рече Мицкоски, се на граѓаните и ова е пример како се штити имиџот на државата.
Тој порача дека не сака да ги поздравува успешните резултати, туку посакува што помалку да има луѓе кои ќе ги злоупотребуваат народните пари.
– Би сакал да посакам што помалку да има луѓе кои што ги злоупотребуваат народните пари, но за наша несреќа, а за среќа на граѓаните, бидејќи дојде ново раководство во Министерството за финансии и во Финансиската полиција, но и генерално во Владата кое што се грижи за народните пари и не дозволува истите да се злоупотребат, тие кои што ги злоупотребувале ќе бидат изведени пред лицето на правдата, изјави Мицкоски пред почетокот на настанот.
Посака сите оние за кои што постои основано сомневање дека се збогатиле на грбот на граѓаните, да бидат изведени пред лицето на правдата, а обвинителите и судиите да ја завршат нивната работа согласно закон и Устав.
Министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека Финансиската полиција е една од институциите која што во период од една година испорачала сериозни резултати.
– Станува збор за поднесени кривични пријави за штети на буџетот од над една милијарда денари, што е навистина сериозен износ и не може да се споредува со ниту еден период од минатото, изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа напомена дека Финансиска полиција е институција во која има врвни професионалци и експерти, кои можат да ги следат и текот на парите и целокупниот криминал.
– Очекувам во периодот кој што следи да се објавуваат и да се информира јавноста за уште многу нови предмети на кои што работи Финансиската полиција. Станува збор за една институција која што навистина е многу мала со мал број на вработени, но со најголема тежина во државата, од аспект на работата која што ја извршува. Очекувам дека и после една година, како министерка за финансии ќе бидам горда на оваа институција, како што сум и до сега затоа што знам дека уште повеќе и неуморно ќе работат во насока на подобрување на наплатата на приходите. Нормално, на тој начин и испраќање на пораки до секој што сака да го злоупотреби системот, дека не може повеќе така и граѓаните да знаат дека со поголема контрола ќе обезбедиме и посериозни и поголеми приливи на буџетот, додаде министерката за финансии.