Левица денес објавува докази за сериозниот криминал кој се случува во автокампот Крани во Ресен, кој веќе 20 години е узурпиран од познатата компанија „Агроплод Ресен”. Уште во 2022 година, во одговор на Министерството за економија стои дека „автокампот Крани Ресен не е категоризиран, односно не е евидентиран во Регистарот на категоризирани автокампови”.
-Ова значи дека компанијата „Агроплод Ресен “, на која уште во 2004 година и е одземена концесијата за работа со овој автокамп, со децении наплаќа и остварува приходи од автокампери, без притоа да се исполнeти минимум безбедносни стандарди, кои се предвидени во стандардите за категоризација. Член 36 од Законот за автокампови децидно предвидува дека пред започнување со вршење на дејноста, корисникот на автокампот доставува барање за категоризација на автокампот. Односно, компанијата ,,Агроплод Ресен” незаконски и криминално наплаќа закупнина од камперите, на имот кој е во сопственост на Република Македонија и од автокамп кој формално-правно не постои! Дрскоста на узурпаторот „Агроплод Ресен” оди до тој степен да компанијата го издава автокампот (кој е државна сопственост) на трети лица да стопанисуваат со него, како да е приватна сопственост на „Агроплод Ресен”, стои во соопштението од Левица, во кое понатаму се додава:
-Во узурпираниот автокамп не постојат законски пропишаните минимални технички услови за работа, нема пречистителна станица за отпадни води, нема противпожарна заштита и за истиот нема дозвола за работа. Сите овие елементи потсетуваат на големата трагедија со дискотеката „Пулс”, која со децении работела фантомски, без лиценца за работа и заштитена од сите власти, заради профит на неколку поединци. Иако, Министерството за економија дефакто знае дека овој автокамп работи без категоризација и е узурпиран од приватна компанија, при што државата е во загуба поради ненаплатени приходи од нејзин имот – ниту еден министер не го спречува овој криминал и безбедносна закана, велат од Левица.
Левица јавно алармира до министерот Бесар Дурмиши и МВР веднаш да постапат за безаконието во автокампот „Крани”, каде граѓаните плаќаат илјадници на приватно лице за автокамп кој е без дозвола за работа.
-Наместо да се штитат локални олигарси кои ги полнат џебовите од стопанисување со државен имот и грабеж на граѓаните, трагедијата во Кочани мора да биде силен аларм за ставање крај на сите дивоградби кои демнат на секој чекор, велат од Левица.