Ценетиот британски режисер Кенет Брана ѝ го даде на Џоди Комер можеби највисокиот комплимент во Холивуд – ја спореди со тројната „оскаровка“ Мерил Стрип.
Во ново интервју за британскиот весник „Тајмс“, наградуваниот северноирски филмаџија говoрeше за режијата и работата со британската глумица во неговиот претстоен филм „Последната вознемиреност на Медлин Хајнд“ (Last Disturbance of Madeline Hynde), нафрлајќи ги пофалбите за неговата 32-годишна водечка дама во приказната.
– Се сметам себеси за среќен што работев со неа во оваа фаза од нејзината кариера. Како што некој еднаш рече за младата Стрип – „Посакувам да поседувам акции во нејзината иднина“… Таа (Комер) е „гладна“ за посветена работа!, изјави Брана.
Комер остана скромна, па за режисерот рече: – Тој е многу љубезен… Нека е благословен.
Брана, кој го потпиша и сценариото на новиот филм, не откри премногу за заплетот, истакнувајќи само дека ликот на Комер е во „темна ноќ на душата“, и во „непромислена емоционална изложеност, нестабилност“… Инаку, во психолошкиот трилер што треба да се прикажува во киносалите в година, таа глуми со Патриша Аркет, Мајкл Шин, Том Бејтман и Вики Мекклур.
Наградуваната британска глумица во мигов е актуелна со зомби-хоророт на Дени Бојл – „28 години подоцна“ – продолжение на филмот „28 дена подоцна“ од 2002 година.