Секторот за внатрешни работи Штип испрати предупредување до јавноста поради зголемен број случаи на измами преку СМС пораки, зад кои стојат организирани сајбер криминалци.
Според информациите, граѓаните добиваат СМС пораки кои лажно се претставуваат како испратени од „Пошта на Северна Македонија“, при што им се нуди линк што води до интернет страница која изгледа речиси идентично со официјалниот сајт на Поштата или други институции.
На таа лажна веб-страница се прикажува форма за внесување на лични и банкарски податоци, под изговор дека е потребна мала доплата за наводна испорака. По внесот на податоците, жртвите најпрво плаќаат симболичен износ, по што следуваат неовластени трансакции со значително повисоки суми.
Од СВР Штип потенцираат дека станува збор за класичен облик на сајбер измама со цел кражба на лични информации и нивна понатамошна злоупотреба.
Надлежните апелираат до сите граѓани да не ги отвораат ваквите СМС пораки, да не кликнуваат на доставените линкови, и никако да не внесуваат или споделуваат лични или финансиски податоци.
Граѓаните се повикуваат секој сомнителен случај веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или преку официјалните канали на МВР.