Одбраната на градоначалникот на Струга Рамис Мерко денеска во Основниот суд во Струга треба да даде завршен збор за четирите споени предмети кои се водат против него за незаконско поставување директори во основните училишта „Гоце Делчев“ во Подгорци (два предмети), „Мурат Лабуништи“ во Лабуништа и „Ашим Агуши“ во Радолишта.
Судијата Јордан Јованов, на минатото рочиште информира дека со оглед на тоа дека се работи за четири предмети споени во еден, одбраната побарала дополнително време да спремаат завршни зборови.
На претходното рочиште заврши доказната постапка. Во исказот пред Судот, Мерко рече дека не направил ништо погрешно во однос на назначувањето директори на основните училишта, односно дека тој само потпишувал она што ќе го подготвеле службите. Но, нагласи дека доколку го прекршил законот ќе му биле одземени ингеренциите од Министерството за образование и наука, подвлекувајќи дека тоа не се случило.
Тој тврдеше дека поранешниот министер за образование и наука Јетон Шакири бил запознаен со состојбата и му дал појаснување дека постојат законски услови да се постави за в.д. директор лице кое не доаѓа од редот на вработените во институцијата доколку на конкурост никој од училиштето не поднесе кандидатура за директор и оти за тоа постоел изграден став од Министерството за информатичко општество и администрација.
Посочи дека во повеќе наврати Шакири ги предлагал луѓето кои биле назначени на функцијата, потсетувајќи оти и директорите кажале дека немале средба со градоначалникот, туку биле поставени од министерот.
Според него, како било можно да е обвинет за наводно сторени кривични дела без да биде обвинет министер за образование во услови кога надлежностите им се определени во ист член на законот. Додавајќи дека на почетокот на учебната 2024/25 година кога министерката за образование и наука Весна Јаневска го одзела ингеренциите за основните училишта во Драслајца и Подгорци биле назначени в.д. директори, кои не исполнуваат услови.
Нагласи и дека сите поставени директори чесно, одговорно и совесно си ја вршеле функцијата и оти од исказот на инспекторите најмногу што сторил градоначалникот било прекршок, а не кривично дело.
Против Мерко се води уште еден одвоен предмет за училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Пред Судот во Струга против Мерко во тек се судски процеси и за други обвиненија за несовесно работење во службата, а Струшкиот суд на 9 јуни донесе ослободителна пресуда за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67.000 евра. Тој е и на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД), поради вмешаност во корупција.