Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани заедно со заменик министерот Ѓоко Велковски и претставници на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), ја посетија Националната младинска летна школа за социјална инклузија, која се одржува во Маврово.
Во своето обраќање пред присутните млади, министерот Лимани искажа задоволство од изразениот интерес на младите за учество на летната школа и благодарност до Амбасадата на Германија во земјава вклучително и ГИЗ за соработката, соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади.
– Вистинско задоволство е да бидеме пионери во креирањето на платформи за зајакнување на нашата младина. Ова е прво издание на Националната младинска летна школа за социјална инклузија, иницијатива која го носи силниот печат на нашето Министерство за социјална политика, демографија и млади. Прва Национална младинска летна школа за социјална инклузија – иницијатива која го носи духот на солидарноста, еднаквоста и визијата за поинклузивно општество, истакна Лимани.
Тој посочи дека школата не е само проект, туку симбол на нов почеток. Симбол на партнерство, на заедничка работа и на вистинска посветеност – и од институциите, и од младите.
– Денес испраќаме силна порака – дека младите се во центарот на нашите политики и дека инклузијата не е опција, туку потреба. Во едно здраво и праведно општество, никој не смее да биде оставен зад себе. Затоа сме тука: да ги слушнеме младите, да ги поддржиме, да ги охрабриме да бидат носители на промените што сакаме да ги видиме, порача Лимани.
Тој се осврна на суштината на школата која претставува простор за учење, вмрежување, градење лидерски вештини, но и за развој на чувствителност и одговорност кон другите. Преку предавања, работилници и практични активности, спорт, младите имаат можност да ги развијат своите потенцијали и да станат гласници на социјалната правда во своите заедници.
– Како Министерство, остануваме посветени на креирање на инклузивни младински политики, заштита на ранливите групи и зајакнување на гласот на младите. Ова е само почеток – и верувам дека заедно, со поддршка од партнерите, ќе изградиме трајни решенија кои ќе ја направат нашата држава похумана, поправедна и поеднаква за сите, рече Лимани.
Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади