Се приспособува простор во болницата во Кочани, ќе има вработувања таму и во други места, најави министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарски прашања, по денешниот брифинг со новинарите.
Тој појасни дека салата во болницата во Кочани најбрзо што можело ќе биде функционална, ќе имало модерна инфраструктура. Експерти веќе работеле со група на млади.
– Како МЗ во фокусот ни е Кочани, но не ги забораваме и другите, во целата држава. Итно ќе делуваме во сите здравствени установи со цел сите непрекинато да добиваат медицински услуги. Интензивно работиме на тоа, да се вработат соодветни кадри, во согласност со законите. Многу е итно да се реализираат нови вработувања. Тоа ни е една од главните заложби, подвлече министерот.
Во врска со паркингот, тој одговори дека станува збор за еден од главните инфраструктурни проблеми во Клиничкиот центар во Скопје.
– За жал, паркингот во моментот не е ни мапиран, во однос на тоа, кај да се паркира кола. Ќе почнеме од базичните инфраструктурни чекори и активности. За да видиме колку точно паркинг места имаме. По длабоката анализа што ја правиме, ќе видиме и колкава е фреквенцијата на пациенти, што ги користат тие паркинг места, колкав број на вработени во Клинички се паркираат таму, истакна Алиу.
После тоа, како што додаде, најверојатно ќе излезеле со некое оптимално краткорочно решение.
– Додека, долгорочното решение на паркингот зависи и од долгорочното решение на Клиничкиот центар. И тука ќе мораме да бидеме претпазливи, да не се инвестира во нешто што можеби утре нема да биде во функција на Центарот, нагласи министерот.
Одговарајќи на новинарските прашања, тој информираше дека се формираат работни групи за кризен менаџмент, за најбрза можна реакција при евентуални трагедии.