Амбасадата на Индија во Иран ги повика сите индиски државјани и лица со индиско потекло да заминат од Техеран поради влошување на безбедносната ситуација во земјата.
Индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека индиските студенти се веќе евакуирани од Техеран. Се проценува дека во Иран живеат и работат околу 10.000 индиски државјани.
Индија до 2019 година беше најголем купувач на иранска нафта, но поради американските санкции кон Иран, го суспендира увозот.
Индија има пријателски односи и со Иран и со Израел. Њу Делхи и Техеран минатата година потпишаа десетгодишен договор за развој и управување на стратешки важното пристаниште Чабахар, југоисточен Иран, во вредност од околу 370 милиони долари. Пристаништето Чабахар е важен транзитен коридор за индиските производи кон Авганистан и Централна Азија, заобиколувајќи го копнениот пат низ Пакистан. САД предупреди на евентуални санкции за државите кои ќе склучат деловни договори со Иран, а со оглед на моменталната ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, неизвесна е иднината на проектот Чабахар.