Најцрната ноќ во македонската историја се случи на 16-ти март во кочанската дискотека „Пулс“ пред точно три месеци. Најавуваниот настап на македонското поп дуо ДНК го преполни просторот, во кој 2 часа по полноќ имало над 600 претежно млади лица.

Пиротехничкиот перформанс на ДНК го запали плафонот над бината, по што пожарот започна бргу да се шири. За неколку минути настанало стампедо кон единствениот излез. Десетици луѓе останале заглавени во тесниот простор и голем дел од нив започнале да се гушат од густиот чад. Распламтениот оган на плафонот започнал да одвојува парчиња од таванот, кои паѓале врз луѓето.
Дел од оние кои успеале да излезат започнале да се враќаат внатре за да им помогнат на заглавените. Дваесетина минути подоцна во кочанската Општа болница, во која ноќта имало меѓу 20 и 30 дежурни медицински лица, пристигнуваат над илјада луѓе. Над 200 од нив се со изгореници по телото. Над 50 лица се донесени во безсознание и без знаци на живот. Дел од нив умираат на пат кон болницата. Завладеал тотален хаос. Очевидци велат дека ходниците на болницата пред итната медицинска помош и на приемната амбуланта биле преполни со легнати тела. Дел од нив живи, дел починати.
Се бара помош од цела држава и во следните часови доаѓаат екипи од речиси цела Македонија.
Мрачно пролетно утро
Утрото Македонија се буди со веста дека избил пожар во дискотеката Пулс во Кочани и дека има најмалку 50 жртви. Родителите се обидуваат да ги добијат своите деца на телефон, а откако не успеваат, стотици мајки, татковци, браќа и сестри се собираат во дворот на кочанската болница. Владее хаос. Луѓето се очајни да дознаат било каква информација за своите деца. Дел од починатите и повредените се идентификувани од институциите, но дел сеуште не се. Родители очајно патуваат за Штип и Скопје, се враќаат назад во Кочани, во потрага по своите деца. Како што се идентификуваат загинатите, така расте бројката на луѓе во дистрес. Онесвестени, легнати по земјата, приклучени на инфузии. Траорни сцени од десетици луѓе кои викаат и плачат на глас. Кочани е епицентарот на едно мрачно сценарио. Бројката на загинати постојано расте.

Минуваат часови, по кои колона од десетици воени возила ја блокираат прометната улица „Страшо Ербапче“ пред кочанската болница. Дел од родителите се против обдукција на телата, но државата инсистира. Тензиите завршуваат со прифаќање телата на загинатите да се носат на обдукција во Скопје.
Демонстрации во Кочани
Следниот ден во Кочани избија насилни протести. Она што започна како мирен протест во градскиот парк, премина во насилства откако демонстрантите дојдоа пред општинската зграда, која беше заклучена. Од масата луѓе се слушаа извици „Излези!“, по што дел од нив започнаа да маваат прво со јајца, а потоа и со плочки и камења кон општината. Беа искршени прозорците на зградата, а по зголемувањето на полициското присуство, масата на луѓе бргу се намали, а колони трчаа кон трговскиот центар. Таму целосно се демолираше кафулето Класик во сопственост на газдата на Пулс. Слични немири имаше и пред домот на градоначалникот Љупчо Папазов, пред дуќан на пошта во соптвеност на газдата на Пулс, а се насобра голема маса на луѓе и пред домот на Деко, каде веќе имаше распоредено полициски сили од единицата за брзо распоредување. По неколку часовни натегања, отецот Димитар Арсовски ја убеди масата луѓе да се разотидат кон своите домови, повикувајќи „Достојно да ги погребаме загинатите, а потоа ако сакате запалете го градот“.
Најмасовниот погреб во историјата на Кочани
Пет денови по несреќата се организираше најмасовниот погреб во историјата на Кочани. 48 млади луѓе, претежно на возраст од 16 до 25 години беа погребани во исто време на исто место – кочанските градски гробишта Горица.

На речиси сите семејства им беше дозволено да ги видат починатите на минута, по што по брз редослед се вршеше закопувањето. Кочани доживеа уште една траума.
Медицински екипи од цела Македонија, како и волонтери на Црвениот крст дојдоа во Кочани за да го покријат ужасниот настан.
Марш за ангелите
По истекувањето на 40 дена од несреќата и по првичните реакции на институциите на несреќата, родителите на загинатите започнаа со организирање на протести именувани како „Марш за ангелите“, кои секоја сабота симболично започнуваат со 5 минути задоцнување, како симбол на задоцнетата реакција на државата во справувањето со корупцијата и криминалот кои довеле до несреќата, но и заради, како што сметаат родителите, несоодветната постапка на обвинителството. Реакции за работата на обвинителството има и од партиите Левица и СДСМ, кои посочуваа на повеќе лица од МВР кои не биле дел од постапката, по што во еден ден беа приведени 13 лица, од кои дел од посочените од опозициските партии.

Родителите велат дека ќе продолжат да ги организираат протестите се до постигнувањето на правда за нивните починати деца.
Во меѓувреме очите на јавноста се свртени кон обвинителството и обвинителниот акт кој ќе произлезе од него.
Задоцнета реакција и за повредените
Семејствата на повредените исто така упатуваа критики за тоа колку спремна државата ги пречека вратените од странство. Денеска или утре за првпат ќе пристигнат компресивните облеки за повредените, иако дел од нив се на домашно лекување веќе 2 месеци. Не државата, туку кочанското здружение Супорт Кочани е организаторот на набавката на компресивните облеки. Финансирањето на истите е преку донации.

Проценките се дека околу 160 луѓе ќе имаат трајни телесни последици од повредите.
Во моментот има 12 повредени на лекување во болница, од кои 7 се во странство. Двајца во Србија, двајца во Грција, двајца во Турција, еден во Словенија и пет се во земјата. Еден пациент сè уште е во тешка состојба и се наоѓа во Словенија. Од другите кои се третираат, 16 се на лекување со плазма третмани збогатени со тромбоцити и без збогатување со тромбоцити, 6 на Клиниката за пластична хирургија и 10 во „Св. Наум Охридски“. На преврски и слични третмани има 38 повредени, во болниците „8-ми Септември“, „Св. Наум Охридски“, „Аџибадем Систина“ и петмина во Кочани. На физикална терапија се 46 лица, од кои сите во Кочани, само едно лице е во „8 Септември“ бидејќи му се прават и преврски и физикална терапија.
М. Каровски