Основниот суд и Јавното обвинителство да дадат детално објаснување против кого ќе се води обвинителната постапка, побараа денеска родителите во Кочани од „Маршот за Ангелите“. И не само тоа, туку во целиот процес да се вклучат и граѓанските организации како Коалицијата за правично судење и од „Транспаренси Македонија“.
-Јавно ги повикувам да се вклучат во борбата за правда на мојот убиен и пеплосен ангел Моника Спасова, да бидат мониторинг, да надгледуваат и следат сѐ што се случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите. Барам помош и од Европската унија да се вклучи како дел од мониторингот во постапката, порача Верица Трифунова, мајка чија ќерка е меѓу настраданите во трагедијата во Кочани.
Родителите на починатите во „Пулс“ истакнаа дека ја продолжуваат борбата за правда и дека имаат право да знаат кои лица се обвинети, а кои не се и кои се причините за тоа. Додадоа дека се загрижени што и покрај нивните укажувања и конкретни наводи, одредени лица воопшто не биле повикани ниту на распит. Писменото барање за објаснување на целата постапка и обвинителниот акт, родителите го најавија за в понеделник.
Сметаме дека од суштинско значење е Основното јавно обвинителство во Кочани целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност, за да можеме да ги отстраниме сите дилеми коишто се јавуваат кај нас во врска со спроведената постапка. Неприфатливо е како најдиректно засегнати да добиеме информации преку медиуми или од неофицијални канали, па очекуваме транспарентност и директна комуникација со надлежните институции. Нашата болка е тешка, но нашата борба е праведна и бараме одговорност и вистина, не само заради нас, туку и заради иднината и никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија, истакна Марија Петрушова, мајка чиј син загина во „Пулс“.
Родителите рекоа дека тие не се правници и не го разбраар обвинителниот акт што го соопшти јавниот обвинител против осомничените за трагедијата во „Пулс“, поради што бараат Обвинителството да ги објасни резултатите од истражната постапка.
Учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 18 часот и 5 минути, симболизирајќи го задоцнетото институционално дејствување, а оттаму се упатија кон Трговскиот центар, кон зградата на Општина Кочани и Полициската станица.
МИА
фото: МИА