Престижната награда за главна женска улога на годинашното издание на МТФ „Водан Чернодрински“ едногласно беше доделена на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
„Оваа награда е големо признание за нејзината искрена, емотивна и храбра актерска интерпретација – улога која ги допре срцата и остави силен впечаток кај публиката и жирито. Претставата во режија на Нела Витошевиќ и изведена од НУЦК “Ацо Шопов” – Театар Штип беше дел од 59-тото издание на најзначајниот театарски фестивал во Македонија, соопшти штипскиот театар.
Минчева Андонов во претставата „Сите прекрасни нешта“ ја игра улогата на мајката со самоубистевни нагони и депресија.
„Мислам дека после оваа претстава многу луѓе ќе излезат свесни за проблемите кои што ги имаат особено младите со овие депресии, анксиозности и панични напади“, рече актерката Марија Минчева Андонов претставувајќи ја својата улога.
Оваа година за прв пат беше доделена и наградата музика „Филип Стевановски“, насловена по трагично починатиот музичар Стевановски, кој животот го загуби во пожарот во дискотеката „Пулс“ од Кочани, во време кога беше директор на НУЦК „Ацо Шопов“ од Штип.
Наградата на завршувањето на МТФ беше доделена на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.