На Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ успешно се изведени две сложени трансплантации на коска од починати донори, со што продолжува примената на современи и високоспецијализирани медицински интервенции во областа на ортопедија и трауматологија во нашата земја.
Како што информира Министерството за здравство, во првиот случај е извршена операција на коскена циста кај 45-годишен пациент. Интервенцијата ја спровел стручен тим, во состав: проф. д-р Милан Самарџиски, доц. д-р Александар Трајановски, д-р Билјана Лазарова, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Марина Темелковска, инструментарка с. Кристина Реџеп, помошник инструментар д-р Оливера Лазаревска, сестра анестетичар Гордана Захариева и болничарка Снежана Тодоровска.
Втората трансплантација била изведена кај 65-годишна пациентка со дијагностициран гигантоцелуларен тумор на дисталниот дел од радиусот на десната подлактица. По претходно направена биопсија, како што се наведува, е заменето туморското ткиво со здраво коскено ткиво од донор. Интервенцијата ја водел специјалист ортопед и супспецијалист трауматолог д-р Резеарт Далипи, заедно со тимот: д-р Маја Неделковска, специјалист ортопед, д-р Симона Карапанџевска, специјализант по ортопедија, д-р Искра Шојлевска–Јовановска, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Јадранка Зафировска, анестетичар Мерита Рамадани, инструментарка Оливера Лазаревска, помошна инструментарка Сања Тодоровска, радиолошки техничар Силвана Стојковска и болничар Сејнур Идриз.
Двете интервенции се реализирани во соработка со д-р Милена Богојевска Доксевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивната банка.
- Огромна благодарност до сите членови на тимовите вклучени во трансплантациите, како и до семејствата на донорите. Зајакнување на знаењата и вештините, следење на современите европски трендови и воведување нови методи во трансплантологијата, се нашиот постојан императив, истакна проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.