Од Кочани, пред членовите на СДСМ и граѓаните, Венко Филипче, остро ја критикуваше актуелната власт за, како што рече, неспособноста да се справи со последиците од трагедиите, за немањето одговорност и за бруталниот однос кон граѓаните кои бараат правда и достоинство.
„Бевме внимателни, бевме емпатични кон луѓето. Комунициравме нејавно, со цел да не нѐ обвинат за политизација. Им се наоѓавме, прашувавме што и да треба, и сѐ што можевме – помогнавме“, рече Филипче.
Тој подвлече дека СДСМ покажала што значи одговорно политичко дејствување, без обиди за политичка корист од трагедијата:
„Не сакавме, буквално со ништо, по трагедијата да извлечеме каква било политичка корист.“
Од друга страна, посочи Филипче, власта не само што не испорачала правда, туку целосно потфрлила и во здравствениот систем.
„Што направи власта? Прво – не испорача правда. Понатаму – не испорачува здравствена услуга. Луѓето имаат реален проблем, а тие им го нудат центарот ‘Пониква’ за некаква рехабилитација. Во ‘Пониква’ не можеш ни на одмор да одиш, а не пак да третираш толку сериозни медицински состојби,“ истакна Филипче.
Особено срамно, рече тој, е обвинувањето на родителите кои бараат правда:
„Ќе ги обвинуваат родителите дека биле инструмент на некоја политичка партија. Тие луѓе, коишто не спиеле со недели, шокирани од она што им се случи – ги нарекуваат со погрдни зборови, за кои ви гарантирам дека дури и не знам што значат.“
Филипче го осуди и односот на ВМРО-ДПМНЕ кој, како што рече, на денот кога родителите протестираат, организира партиски настан со пиротехника:
„Во таква ситуација, врв на безчувствителност е – на денот кога родителите протестираат – да организираш настан на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и да запалиш пиротехнички средства.“
СДСМ останува на страната на граѓаните на Кочани, на страната на вистината и одговорноста. Ќе продолжиме да се бориме за правдата да излезе на виделина а граѓантие и родителите да добијат соодветен третман.
Во своето обраќање пред граѓаните и членовите на СДСМ во Кочани, Венко Филипче ја коментираше економската состојба и економските политики на власта на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Тој рече дека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, цените растат, платите стагнираат, додека власта си ги покачува само сопствените плати. Се осврна и на изјавата на Мицкоски дека Македонија е четврта економија во Европа.
„Да излезе премиерот и да каже дека сме четврта економија во Европа – не знам дали е повеќе смешно или трагично“, рече Филипче, потенцирајќи дека реалноста на граѓаните е сосема спротивна.
Тој укажа на рекордниот јавен долг и економските притисоци со кои се соочуваат граѓаните и компаниите:
„На ваква економска ситуација, со практично крахирана економија и седум милијарди евра долг, со кој ги задолжуваат следните, па дури и неродените генерации – тоа е апсолутна катастрофа.“ – рече тој.
Филипче предупреди и на економската блокада што ја трпат домашните бизниси:
„Фирмите не можат да си го добијат назад повратот на ДДВ. Цените не можат, а и не сакаат да ги стават под контрола. Тоа е знак за потполна економска неодговорност.“ – рече Филипче.
Ситуацијата е уште поалармантна со последните податоци за инфлацијата. „Денеска гледаме дека излегуваат официјални податоци – трошоците за живот пораснале за 3,3%, а цените за 1,4% само за овој месец. Тоа е јасен показател дека Владата нема намера да направи ништо за граѓаните. Апсолутно се заинтересирани само за себе“, посочи Филипче.
Тој повтори дека оваа Влада не знае, не сака и не може да им помогне на граѓаните. Економската катастрофа е реална, а граѓаните ја чувствуваат секој ден – на каса, на пазар, на сметки. Потребна е одговорна економска политика, а не евтини флоскули и пропаганда.