Осум дена е рокот кој општина Кочани им го даде на угостителите во трговскиот центар во градот да ги отстранат доградбите, кои биле поставени без соодветна дозвола. Во текот на вчерашниот ден комуналните инспектори од општината им доставиле решенија на угостителите, во кои меѓу другото е наведено и дека доколку не ги отстранат дивоградбите, ќе следи рушење од страна на општината.
Претходно, општината распиша тендер за избор на фирма за рушење, но според јавно достапните податоци на Бирото за јавни набавки, истиот е поништен.

Проблемот се актуелизираше по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, каде се открија низа пропусти во начинот на функционирањето на дискотеката, но и сериозни пропусти во објектот во кој беше сместена истата.

Пред околу еден месец се случи и инцидент, во кој еден од сопствениците на пицерија во трговскиот центар влегол во вербална расправија со в.д. градоначалникот Венко Крстевски, а случајот заврши пред МВР.
Аргументот на угостителите е дека во доградбите кои општината бара да ги срушат е поголемиот дел од капацитетот на пицериите и рестораните, и дека при евентуално рушење, нивниот промет ќе падне значително, а стравуваат и дека некои од нив ќе мораат да бркаат работници, па дури и да ги затворат своите фирми.

За в.д. градоначалникот Венко Крстевски ова не е доволен аргумент:
- Жално е што после немилиот настан најголем дел од угостителите во Кочани наместо сами да си ги отстранат нерегуларностите, како дивоградби, вентилација, узурпација на простор и така натаму, чекаат на крајните рокови за присилно отстранување. Што треба да се случи да се освестат? Општина Кочани ќе ги превземе сите неопходни мерки и нема да дозволи самоволие и кршење на законите. Исто така нека се преиспита и народот што им оди во таквите дивоградби и небезбедни објекти, вели Крстевски.
Истиот проблем претходно беше актуелен и во Струмица, но таму општината и угостителите постигнаа договор. Според струмичкиот градоначалник суштината на проблемот е во Законот за градење:
- Како градоначалник, ќе бидам прв кој ќе застане зад иницијатива за измени на Законот за градење, каде на разумен и рационален начин ќе се вградат потребите на угостителите, но и ќе се зачува јавниот интерес на сите граѓани. Стар или нов правилник не го решава суштински проблемот – решението е во дијалог, почитување и разбирање, вели Костадинов.

Засега е неизвесно како ќе постапат кочанските угостители. Досега одбиваа самите да ги демонтираат дивоградбите, а и обидот за дијалог меѓу општината и угостителите не даде никаков резултат.
Мартин Каровски