Владата нa последната седница усвои Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа со што вршиме намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија. Предлогот е веќе испратен на усвојување во Собранието со цел пониските царински стапки да почнат да се применуваат од 1 јули 2025 година, односно од наредниот месец. Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во нашите индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високо финални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија, соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.
Од 1 јули, како што појасни, со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ. Како пример, таа наведе дека ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто, со тенденција за идно понатамошно доусогласување.
- Истовремено со измените пристапуваме кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика. Односно од 1 јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто со што директно помагаме во енергетскиот сектор. Ова, од причина што батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата, системските услуги како и во планирањето на предавањето во мрежа на енергијата од обновливи извори на енергија со цел одржување на стабилноста на системот, но и осигурување на физибилноста на обновливите проекти, рече Димитриеска – Кочоска во Владата.