Отоманскиот патеписец Евлија Челебија уште во 1670 година кога поминувал низ тогашна Уструмџа, а денешна Струмица запишал: „ Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа, писок и песна…“. Ова јасно укажува дека станува збор за тримерските карневалски свечености во Струмица, што значи дека за секоја пофалба се струмичани што успеале да му одолеат на времето и да ја задржат оваа традиција до ден денешен. Уште подобро што Струмичкиот карневал успеале да го стават на светскат мапа и да стане дел од Европската федерација на карневалски градови FECC.
Ова е само мал увод зошто Струмичкиот карневал од година во година треба да напредува и да ги живее своите ѕвездени моменти. Но, место тоа, по последното издание одекна веста дека ќе се менува Организациониот одбор и претседателот Александар Цицимов, кој веќе 35 години раководи со оваа вековна традиција.
Градоначалникот на Струмица, Коста Костадинов додека траеше фестивалот најави нивна смена, а веднаш по одржувањето на фестивалот и го разреши целиот Организационен одбор. Досега Општина Струмица одржа две јавни расправи за тоа како во иднина треба да изгледа карневалот и што треба да се смени, а на последната се расправаше и за тоа кои треба да бидат членовите на новиот одбор.

ММС разговраше со Костадинов зошто се потребни овие промени, што е тоа што не чини и што велат за ова струмичани, бидејќи, сепак, овој карневал им припаѓа на жителите на Струмица.
Костадинов вели дека неговиот потег е резултат на се поголемата реакција на струмичани дека карневалот треба да се менува и да напредува.
-Илјадници граѓани ми се јавуваа дека се потребни промени. Млади луѓе кои бараат шанса. Ова не е одлука преку ноќ, ниту треба да ја доживуваме толку лично. Знаеме дека Струмичкиот карневал е најстарата културна манифестација во државата, што значи дека треба да бидеме внимателни како го третираме, како го пренесуваме на идните генреции и што правиме со него. Јас сум благодарен на досегашниот Организациски одбор за сите успеси кои ги има постигнато, не можеме да кажеме дека нема постигнато успеси. Претседателот не е сменет 35 години, афирмирмиран е во меѓународни рамки, учеството во FECC , учествотвува и на други карневали низ светот.. Сето тоа ни дава обврска нам, на помладите генерации да бидеме благодарни за целиот труд што досега Организацискиот одбор го има вложено. Но, мора да разбереме дека промените се важна, потребна и неопходна работа. Особено кога станува збор за таква манифестација. Од таа причина имавме една јавна дебата, каде ги повикавме сите заитересирани граѓани да дојдат да дадат предлози каков треба да биде, кои треба да бидат критериумите и каков треба да биде форматот на Организацискиот одбор. Оваа среда се одржа уште една јавна дебата на која рабевме исклучиво на утврдување на критериуми и форма за членство во одбор, по што ќе распишеме јавен повик, вели Костадинов и додава:

– Од тоа што до сега е усогласено е дека новиот Организациски одбор не треба да им над 20 члена, да има три тела и тоа административно тело, тело за логистика и креативно кое ќе работи на маските, на содржините. Утврдено е дека од институциите, Сектор за внатрешни работи, Општина Струмица, од Дом на културата „Антон Панов“ и од музејот треба да има постојани претставници. Дури со граѓаните сме на размислување да има постојан претставник од угостителите, па тие се најголемите бенефициенти од карневалот во финансиска смисла. Секако тоа е прифатливо за мене. Комуникацијата со медиумите мора да ја има. Не зборувам за Општината. Туку Организацискиот одбор и претседателот мора да имаат потојан контакт со медиумите, објасни тој.

Според него причините за промените се што карневалските групи, кои низ годините во континуитет се пријавувале почнале да изостануваат.
-Сигурно има добра причина што не се пријавуваат. Зборувам за карневалски групи од 50 па до над 100 учесници. Дури разговараме и за начинот на гласање. Која карневалска група да победи, дали е можно гласање по СМС пораки, кои се позитивни а кои негативни страни од гласањето по пораки. Но, сметам дека треба да се дадат повеќе шанси на луѓето да учествуваат во изборот на најдобри маски. Знам дека не им било лесно ниту на жири комисијата, во рамки на постоечкиот, досегашниот одбор, за изборот на најдобра маска. Струмица знае да се пофали со квалитетни маски, зборувам за интернационалната карневалска поворка, но нешто треба да смениме.

Како градоначалник давам шанса на промените, треба да се отвори одборот за млади, па и возрасни креативни луѓе, кои досега немале шанса да придонесат. Досегашните членови на Организацискиот одбор и претседателот Цицимов, со одлука на Советот се назначени за почесни членови и почесен претседател. Им се остава простор со нивното искуство да придонесат за уште поголемо заживување на карневалот. Сметам дека нема ништо лошо во тоа. Гледам дека поддршката од граѓаните за смена на одборот е многу голема, вели Костадинов.
Според она што се разговарало на јавните дебати заклучокот е дека одборот и претседателот треба да бидат со ограничен мандат, а не како досега.
-Ќе бидат на четири години. Ако покажат резултати нека имаат и неколку мандати. Ако има резултати, ако има напредок, голема посетеност, медиумска покриеност… Но, струмичани мора да бидат задоволни од одлуките на одборот, од изборот на најдобри маски, зборувам за локалните. Доколку постои такво задоволство апсолутно се согласувам Организацискиот одбор и претседателот да имаат и по неколку мандати, додава тој.
Но, на опасноста од партизација на карневалот, доколу се менува одборот и претседателот на четири години, колку што всушност и трае еден градоначалнички мандат, мора да се потсети иако Костадинов е дециден дека тако нешто не смее да се случи, бидејќи овој фестивал е на народот.

-Како и за се во државата нема нешто поопасно од обиди за партизација на културните манифестации, особено на струмичкиот карневал, која е манифестација од неколку векови. Овде нема играње, не ВМРО, не СДСМ, кој сака нека е нема право да чепне во Струмичкиот карневал бидејќи за тоа следува казна од струмичани. Навистина не е причина смена на одборот поради изборот на принц и принцеза. Овде не е важно кој е избран за принц и принцеза. Видовме на седница на Совет како членови на советот од ВМРО ДПМНЕ грубо се обидуваа да го партизираат карневалот, дури и одејќи до таму, лажејќи дека моите кумашини биле избрани за принц и принцеза. Но, тоа е апсолутна невистина. Самите сомнежи дека некој се обидува да фрли партиски зачин врз карневалот претставува апсолуна опсност од егзистенцијален аспект на Струмичкиот карневал. Па во турско време агите не се обидувале да стават рака на карневалот, за што постојат записи од Евлија Челебија, па не дај Боже сега. Во ред ВМРО ДПМНЕ е сега на власт, но ни на крај памет не треба да им дојде да го партизираат карневалот. Затоа одговорот ќе биде радикален. Карневалот не е ниту мој, ниту на карневалскиот одбор, ниту на некоја партија. Карневалот постои заради посетителите, заради струмичани и таков и ќе остане, објасни Костадинов.

Токму заради ова тој очекува новиот Оргнизационен одбор и претседател да работат за доброто на карневалот, а со самото тоа и за доброто на народот.
-Ние сме членка на FECC и така и ќе остане. Досегашниот претседател е и потпретседател на FECC и тоа му е дополнителна обврска да му помага на новиот одбор, со целото негово искуство и актуелна позиција. Очекувам сериозно освежување. Сметам дека на дел од досегашниот одбор им дојде премногу. Тоа се серизони обврски. После толку години дел од нив со душа чекаа да заврши карневалот. Основната разлика е што новиот карневалски одбор со душа ќе чека да почне карневалот за да имаат можност да се докажат која е нивната кретивност, како брзо успеале тие бирократски моменти да ги надминат. Сето тоа ми дава за право да бидам непоправлив оптимист во однос на карневалскиот одбор, вели градоначалникот.
(В.М.)