Денеска во Домот на млади во Штип се одржа Отворен ден на средните училишта, каде деветоодделенците од градот и околината имаа можност директно да се информираат за струките и образовните профили што ги нудат локалните средни училишта. Настанот беше насочен кон подобро запознавање со условите за учење, практичната настава, но и новите образовни програми прилагодени на пазарот на труд.
Секое училиште постави свој штанд на кој беа изложени дел од опремата, материјалите и активности од секојдневната настава, со цел да се доближи наставниот процес до учениците кои допрва треба да го направат важниот избор – каде да го продолжат своето образование.
Според градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, во континуитет се вложува во приспособување на образовните програми кон реалните потреби на индустријата.
„Мојата желба е што повеќе основци да останат и да се запишат во средните училишта во нашиот град. Нудиме квалитетно образование и програми што се прилагодуваат на потребите на стопанството. Инженерите и металопреработувачите се меѓу најбараните профили – за нив има хроничен недостиг во индустрискиот сектор“, изјави Јорданов.

Во Република Северна Македонија, според последните податоци од Државниот завод за статистика, над 20% од младите до 29 години се невработени, што дополнително ја истакнува важноста на квалитетната практична настава и дуалното образование. Токму тоа беше и една од главните теми на Отворениот ден.
„Нашите ученици стекнуваат практични вештини во реална работна средина – соработка со компании кои потоа можат да ги задржат како кадар. Така добиваме и образование, и вработување“, истакна професорката Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“.

Покрај традиционалните профили, оваа година некои училишта најавија и новитети во својата понуда. Меѓу нив е воведувањето на профилот техничар за козметичка нега и убавина во медицинското СОУ „Јане Сандански“ кој припаѓа на групата на лични услуги.
„Запишуваме 25 ученици на овој нов профил, но и натаму приоритет ни остануваат постоечките профили каде има реална потреба од кадар“, објасни директорката Марија Николиќ.

Гимназијата во Штип, пак, традиционално привлекува ученици со акцент на дисциплина, хигиена и квалитетен наставен процес. Директорката Ристова изрази надеж дека учениците ќе го препознаат потенцијалот што го нуди училиштето и ќе го направат вистинскиот избор.
Настанот беше позитивно оценет и од страна на учениците. За многумина од деветтоодделенците ова беше прва можност директно да се запознаат со училиштата, да поставуваат прашања и да видат како изгледа наставата во пракса. Токму ваквите настани се клучни за донесување на информирана одлука – која насока ќе го обликува нивниот образовен и професионален пат.
