Во просториите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денес се одржа значаен настан посветен на подигањето на свеста за дигиталното насилство. Настанот ги обедини студентите од УГД, претставници од Италијанската национална полиција и Амбасадата на Италија во Северна Македонија, со цел да се едуцира младата популација за опасностите кои демнат во онлајн просторот.
- Имаме проекција на три краткометражни филмови, кои што треба да ја покренат свеста за насилството во дигиталниот свет. Ние како универзитет сме тука да ги поддржиме ваквите настани, се со цел да ги едуцираме младите за опасноста која што постои во дигиталниот свет. Младите се постојано на интернет и таму ги учат и добиваат на најбрз можен начин сите вести и информации“, вели Олга Кошевалиска од катедрата за казнено право при штипскиот Правен факултет.

Интернет генерација
Според најновата студија на Светската здравствена организација (СЗО) од март 2024 година, околу 15% од адолесцентите во Европа изјавиле дека биле жртви на сајбер насилство, што претставува зголемување во однос на 2018 година. Овие податоци укажуваат на растечка загриженост за менталното здравје и безбедноста на младите во дигиталниот свет.
Во Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика од 2023 година, 98.8% од младите на возраст од 15 до 24 години користат интернет секојдневно. Дополнително, истражување на УНИЦЕФ покажува дека една третина од младите биле жртви на кибернасилство, најчесто преку социјалните мрежи и апликациите за пораки.

Италијанска поддршка и заедничка мисија
Претставниците од Италијанската национална полиција истакнаа дека соработката со образовните институции е клучна во борбата против кибернасилството. Тие нагласија дека е важно младите да ги користат дигиталните платформи на правилен и безбеден начин, и дека ваквите иницијативи се чекор напред кон создавање на посигурна онлајн средина.

Настанот во Штип е дел од поширока европска иницијатива за борба против дигиталното насилство и за унапредување на безбедноста на младите во онлајн просторот. Со оглед на растечките статистики и зголемената изложеност на младите на интернет, ваквите едукативни активности се од суштинско значење за превенција и подигање на свеста за сајбер насилството.
(М.К.)