Во дигиталната судница во затворот Идризово во Скопје, започнува судењето на 31 обвинет и пет правни лица, помеѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор во случајот познат како „Адитив“. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Ова е второ судење по две години, во судницата која е изградена во 2020 година со донаторски средства. Како што рече директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, се работи за судница опремена по европски терк и е соодветна за судења каде има поголем број на обвинети лица. Ги повика судиите почесто да ја користат, вклучително и за судењето за Кочани, бидејќи за судењата во Идризово не треба да се прават спроводи од затворот, туку се носат директно на судење.
-Судницата не се користеше со разни изговори дека не работи техниката – не се исправни компјутерите, климите…, рече Пандов и најави изградба на нов притворски дел.
– Ќе има 420 кревети во новиот дел што ќе се гради. На 12 јуни очекуваме да се одмрзнат средствата од кредитот од Банката на Советот на Европа за почеток на изградбата на новиот притвор. Парите беа замрзнати затоа што сме под постојан надзор на Комитетот за борба против тортура и имаа огромен број на забелешки, и парите од кредитот беа под мораториум – ги имавме на сметка, но не можеа да се користат, изјави Пандов.