Индонезија е подготвена формално да ја признае државата Израел и да воспостави дипломатски односи доколку се реализира решение со две држави што ќе гарантира создавање на целосно независна палестинска држава, изјави денеска претседателот Прабово Субианто.
- Ја пренесов позицијата на Индонезија: сметаме дека решението со две држави е единствениот пат до вистински мир, изјави Прабово пред новинарите на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот во Џакарта.
- Независноста за палестинскиот народ е единствениот начин да се постигне вистински мир. Но, покрај тоа, јасно ставив до знаење дека мораме да го признаеме и да го гарантираме правото на Израел да постои како суверена држава, рече индонезискиот претседател.
Индонезија, која е дом на најголемата муслиманска популација во светот, долго време е силен поддржувач на палестинската државност и не одржува формални дипломатски односи со Израел, потсети ДПА.
- Веруваме дека безбедноста и суверенитетот на Израел, исто така, мора да се почитуваат и заштитуваат, продолжи Прабово. „Затоа, Индонезија соопшти дека сме подготвени да помогнеме во олеснувањето на признавањето на Палестина од страна на Израел. И ние сме подготвени да го признаеме Израел и да воспоставиме дипломатски односи“, додаде тој.
Макрон, кој е во посета на Индонезија како дел од пошироката турнеја низ Азиско-пацифичкиот регион, ги поздрави забелешките на Прабово и ја повтори поддршката на Франција за договорен мир меѓу Израелците и Палестинците.
Францускиот претседател го пофали „принципиелниот“ пристап на Индонезија и истакна дека таквите напори се клучни за излез од застојот во однос на мирот на Блискиот Исток.
Двајцата лидери разговараа и за војната во Украина. Макрон ја осуди руската инвазија како очигледно кршење на меѓународното право и изрази благодарност за постојаните повици на Индонезија за почитување на суверенитетот и решавање на конфликтите преку дипломатија.
За време на посетата на Макрон, Франција и Индонезија потпишаа низа договори за продлабочување на одбранбените и економските врски, вклучувајќи заедничко производство на оружје, воена обука и соработка во обновлива енергија и развој на инфраструктура.
Двете страни исто така се обврзаа да ги забрзаат разговорите за Сеопфатниот економски договор за партнерство меѓу Индонезија и ЕУ, долго одложуваниот трговски сојуз меѓу најголемата економија во Југоисточна Азија и Европската Унија.