Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ги критикуваше израелските воени операции во Појасот Газа.
– ЕК отсекогаш го поддржувала, и ќе продолжи да го поддржува правото на Израел на безбедност и самоодбрана, но оваа ескалација и непропорционалната употреба на сила против цивилите не можат да се оправдаат според хуманитарното и меѓународното право, наведе Лајен по телефонскиот разговор со јорданскиот крал Абдула Втори.
Таа посочи дека „израелските воени операции насочени кон цивилната инфраструктура, меѓу кои и училиште кое служело како засолниште за раселени палестински семејства, убивајќи цивили, вклучувајќи и деца, е одвратно“.
Лајен упати апел до Израел „веднаш да ја запре сегашната ескалација“, да ја укине блокадата, а исто така го повика Хамас да ги ослободи преостанатите израелски заложници.
– Посветеноста на Европа кон праведен, сеопфатен и траен мир заснован на решение за две држави останува непоколеблива, наведе Лајен.