Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека на разговорите со Иран за неговата нуклеарна програма во Рим е постигнат „сериозен напредок“, но додаде дека исходот сè уште е неизвесен, пренесе ДПА.
- Имавме многу, многу добри разговори со Иран. Не знам дали во следните денови ќе соопштам нешто добро или лошо, но имам чувство дека ќе биде нешто добро, изјави вчера Трамп пред новинарите.
Тој нагласи дека сè уште се надева на договор кој би спречил понатамошна ескалација: „Би сакал тоа да се постигне, затоа што не сакам да гледам како паѓаат бомби и умираат луѓе“.
Сличен воздржан оптимизам изразија и иранскиот заменик-министер за надворешни работи Абас Арагчи, како и шефот на дипломатијата на Оман, Бадр бин Хамад бин Хамуд ал Бусаиди, кој посредува во преговорите.
Вашингтон бара Техеран целосно да го прекине збогатувањето на ураниум – чекор што САД го сметаат за клучен за спречување на развојот на нуклеарно оружје. Иранските власти го отфрлаат тоа барање, но покажуваат подготвеност за ограничување на својата програма и прифаќање построги инспекции.