Штип по петти пат ќе биде домаќин на интернационалниот натпревар по модерни танци „Dance Cup Štip“, кој ќе се одржи викендов во Домот на културата „Ацо Шопов“. Повод за разговор со организаторката Ана Марија Габроска е токму овој настан на кој деца ќе се натпреваруваат во различни дисциплини.

„Натпреварот опфаќа различни танцови стилови и категории – од Performing Arts, преку Street Dance, па сè до Latin Style. Ова ни овозможува да привлечеме клубови со различни насоки и да понудиме разновидна и возбудлива програма“, вели таа.
Главната цел на натпреварот е да се развие танцовата уметност во источниот регион на Р.С.Македонија.
Секоја година бројот на учесници расте , а оваа година бројот ќе биде најголем каде ќе настапат над 1600 танчери.
„Штип има потенцијал да биде културен и уметнички центар, а со овој настан сакаме да ја поттикнеме креативноста кај младите, да создадеме сцена за изразување и поврзување“, потенцира Габроска.

Таа напомена и дека на натпреварот учество ќе земат и деца надвор од Македонија.
„Оваа година ни се приклучија повеќе од 20 клубови од Македонија, како и по еден клуб од Косово, Бугарија и Србија. Интернационалното присуство е исклучително важно бидејќи создава дополнителна мотивација кај нашите учесници и им овозможува да се споредат со врсници од други земји“, вели таа.
Настанот се одржува секоја година на почеток на месец јуни и очекувањата од година во година растат.
„Се надеваме дека и следната година ќе се реализира повторно со голем број на учесници. Натпреварот е се поголем и истиот станува традиција“, додава Габроска.
Кристијан Трајчов