Над 3.000 граѓани од Скопје, Струга, Битола, Тетово, Струмица, Велес и Крива Паланка учествуваа во хуманитарната трка „Сите за Кочани – трчаме заедно“, одржана во неделата по повод Денот на Европа. Настанот беше организиран во чест на 62-те жртви од трагичниот пожар во Кочани, како и за поддршка на повредените и нивните семејства.
Хуманитарната трка имаше за цел да испрати порака на единство и заедништво, со учество на граѓани од сите возрасти. Настанот беше поддржан од институции, невладини организации и меѓународни претставници, меѓу кои и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас.
„Денешната трка не е само спортски настан – таа е симбол на солидарност, заедништво и човечност. Европа стои заедно со Кочани“, изјави амбасадорот Рокас на настанот во Скопје.
Средствата собрани преку котизациите ќе бидат донирани преку Црвениот крст на Северна Македонија, со цел да се обезбеди директна помош за погодените семејства и заедницата во Кочани. Организаторите истакнаа дека одзивот на јавноста е доказ за силната општествена свест и спремноста на граѓаните да помогнат кога е најпотребно.
Со настанот „Сите за Кочани – трчаме заедно“, Македонија уште еднаш покажа дека хуманоста и солидарноста се вредности кои ја дефинираат нашата заедница.
Фото: Europe House Skopje