Украинските власти утрово соопштија за нова, трета последователна ноќ на масовни руски воздушни напади со употреба на големи групи борбени дронови, пренесе ДПА.
Воздухопловните сили на Украина преку Телеграм предупредија и на нови напади со крстосувачки ракети, а воздушна тревога беше прогласена низ целата земја.
Противвоздушната одбрана била активирана на повеќе локации, а регистрирани се бројни експлозии, соопштија властите.
Според украинските воздухопловни сили, руски дронови го нападнале црноморското пристаниште Одеса.
Воената управа на Харков соопшти дека во градот се слушнала серија силни експлозии. Гувернерот Олег Синегубов напиша на Телеграм дека се работи за интензивни напади врз инфраструктура.
Русија ги засили нападите врз Украина во текот на викендот, користејќи стотици дронови секоја ноќ. Вчера загинаа најмалку 12 лица, а десетици беа повредени. Како одговор, Украина испрати стотици борбени дронови кон Москва, што доведе до нарушување на воздушниот сообраќај.