Најмалку 28 лица загинаа, а десетици се повредени во најновите израелски напади во Газа изминатата ноќ, јави палестинската новинска агенција Вафа повикувајќи се на медицински извори.
Израелските војници продолжуваат со операциите против „терористичките организации низ Појасот Газа“, напиша израелската војска на својот канал на Телеграм, пренесе ДПА.
Војниците вчера „елиминираа неколку терористи низ Појасот Газа и нападнаа воени комплекси, оружје, складишта и снајперски позиции“, се вели во соопштението.
Израелската војска соопшти дека воздухопловните сили погодиле повеќе од 75 цели, вклучувајќи „терористи, лансери, воени комплекси, складишта за оружје и дополнителна терористичка инфраструктура“.
Тврдењата на двете страни не можат независно да се потврдат.
Војната во Газа беше предизвикана од терористички напад извршен од Хамас и други милиции во Израел на 7 октомври 2023 година. Израел одговори со масивна воена операција во Газа.