По оставката на пратеникот Салим Сулејмани, партијата на Таравари, Алијансата за Албанците, во Собранието повеќе ќе нема пратенички група и координатор, кој ќе учествува на координативни состаноци. Алијанса останува со четири пратеници, со што не го исполнува формалниот критериум од минимум пет пратеници за да може да формира пратеничка група.
Со оставката на Сулејмани, од заедничката листа на коалицијата Вреди, на негово место доаѓа педијатарот Валбона Адили-Емини од Движењето Беса. Со промената, Вреди ја зголемува пратеничката група, која сега ќе брои 10 пратеници.
Челниците на Вреди неколку пати изјавуваат дека заминувањето на Таравари од власта ќе биде во нивен прилог и дека ќе се зголемува пратеничката група во Собранието.
Неизвесен е и статусот на вицепремиерот Арбен Фетаи. Во вчерашната видео порака, Фетаи вели дека е против соработката со ДУИ.
„Мојот глас е ваш глас. Гласот на Алијансата што не се предава. Која не се продава. Која не се плаши. Ние сме гласот на патот на Арбен (Џафери). И тој пат никогаш не поминува покрај Али Ахмети, ниту покрај некој што не им го сака најдоброто на Албанците“, вели Фетаи во видео пораката објавена на неговите социјални профили.
На ова Арбен Травари одговори со краток пост на Фејсбук:
„Патот на Арбен Џафери не поминува покрај Владата што ве нарекува 20%. Патот на промените не поминува со продажба на позицијата заменик. Патот на достоинството не поминува со напуштање на партијата за министерско место. Добро до крај… Се гледаме во октомври!, напиша Таравари.
Во меѓувреме, превирањата во албанскиот блок продолжија, откако синоќа биле уапсени синовите на Гарип Каба, заменик-директорот на Царинската служба назначен од крилото на Таравари. Полицијата ги привела за наводна закана кон пратеникот во оставка, Сулејмани.
„Вечерва бев информиран дека полицијата ги уапси мојот син, Ланди, и мојот друг син, Бардхоку, врз основа на клевета за наводна закана кон поранешниот пратеник и „иден амбасадор“ Салим Сулејмани. Никогаш не помислив дека ќе се обидат да извршат таков притисок врз нас преку клевети и уцени“, напиша Каба, додавајќи деќа мотивот за апсењето на неговите синови е „да се замолчат критичките гласови против актуелната влада“.